Кетрин Зета-Џонс веќе 24 години ужива во бракот со 25 години постариот колега Мајкл Даглас, за кого се омажила во 2000. година. За сето ова време, нивниот однос доживеал многу подеми и падови, а познато е и дека во еден момент биле разделени, поточно од 2013 до 2014 година, откако Даглас се разболел од рак на јазикот, а таа добила дијагноза дека боледува од биполарно нарушување.
За среќа, успеале да ги решат своите несогласувања, а Кетрин се потсетила на овој период за британскиот „Телеграф“.
„Невозможно е да поминете без подеми и падови ако живеете со истиот човек и се будите покрај него секој ден. Се будам покрај Мајкл речиси 25 години. Го обожавам тоа што сум во брак, но ако размислите подобро, тоа е луда работа“, рекла Зета-Џонс, која потоа направила многу чудна споредба на сопругот со моден додаток.
„Дали ќе се омажиш за мене? Секако! Но потоа размислувате за тоа како за чанта на ‘Шанел’ за која сте потрошиле цело богатство, а потоа веќе не ви се ни допаѓа, па решавате да ја продадете“, рекла актерката.
Но и покрај сите турбуленции и проблеми, актерката која последно ја гледавме во ТВ-серијата на Нетфликс „Венсдеј“, вели дека многу им е убаво во бракот и дека никогаш не ја почувствувала таа фамозна разлика од 25 години на своја кожа.
„Се сеќавам кога луѓето велеа дека кога ќе имам 50 години, тој ќе има 75, но тоа е само математика“, изјавила славната актерка.
Да се потсетиме, Даглас полудел по Кетрин кога ја видел на филмскиот фестивал во Довил во 1998 година, кога го промовирала филмот „Маската на Зоро“. Тој бил разведен и желен за љубов, па веднаш го ангажирал неговиот публицист да им организира средба.
„Се сретнавме во бар и бев вистински џентлмен“, рекол актерот и додал:
„Свесна си дека јас ќе бидам таткото на твоите деца?“.
Меѓутоа, добил ладен туш од Џонс. На неговата реченица, таа му одговорила дека слушнала многу работи за него и дека време е да си посакаат „добра ноќ“.
Меѓутоа, подоцна им се вкрстиле патиштата, а Кетрин се пошегувала дека бил во право за сè. Сите овие години често биле на удар на критики поради разликата во годините, но тие никогаш не се поколебале, па денес важат за една од најстабилните двојки во Холивуд.