Македонската пејачка легенда Нина Спирова почина денеска на 82-годишна возраст.
Нина Спирова која е родена на 26 октомври, 1938 година, има учествувано на првите изданија на Скопскиот фестивал, а има соработувано со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери.
Има снимено над 80 композиции само за музичката продукција на МРТ, од кој поголемиот број се хитовите: „Молчи, молчи“, „Еден бакнеж“, „Езеро мое“, „Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“ итн.
Како еден од вечните евергрини, кои ќе останат да не асоцираат на прекрасното минато претставува и хитот “Еден бакнеж“ во придружба на Македонската Филхармонија. Безвременска песна која има учествувано на фестивалот „Опатија“ во 1962 година и се има закитено со првата награда.
Скромна, ненаметлива, повлечена, насмеана, со многу малку, речиси ништо познато од нејзиниот приватен живот, со однесување несвојствено за пејачка која претставува ѕвезда од конкретниот калибар. Спирова засекогаш се повлече од естрадната сцена во почетокот на 80-тите години.