Комисијата за здравство викендов ќе ја разгледува можноста за целодневна настава во училиштата. Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека е направена анализа за бројката на деца коишто би требало да останат во училиште и после завршувањето на часовите во смена.
-Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мал да никако не ја загрозува нивната безбедност, односно да нема дополнителен епидемиолошки ризик што одредена група на деца ќе остане и после завршувањето на смената. Предност што е тоа истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот, појасни Филипче.
Во однос на барањето на родителите на деца до шест години министерот денеска при посетата на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, по повод завршување на проектот за гасификација на установата, рече дека доволно време траеја сите мерки што се имплементираа во однос на продолжување на породилното отсуство, практично шест месеци.
-Ги укажаа нивните барања, ги слушнавме нивните аргументи и остануваме и понатаму во континуирана комуникација. Во однос на градинките развиени е алгоритми како и што се поставува кога ќе се дијагностицира дете, направени се протоколи за работи. И морам да кажам дека секојдневно ја следиме ситуацијата. Имаше земји каде што нагло се отворија училиштата или градинките и тоа придонесе да тие делумно или целоно се затворат. Еве видете што се случува во Израел. Но јас верувам дека овој постепен влез и постепено пуштање на одредени групи ќе донесе да тоа го избегнеме. Секојдневно ја пратиме ситуацијата и врз основа на тоа ќе ги носиме одлуките, информираше Филипче.