Американскиот милијардер, Бил Гејтс предвиде кога нашите животи би можеле да се вратат во нормала од новата пандемија на Коронавирусот. Ако им се верува на неговите зборови, ништо помалку од целосно уништување на тој вирус, нема да значи враќање во нормала.
Единствениот начин за целосно враќање во нормала е да се има можеби не првата генерација на вакцини, туку супер-ефективна вакцина што ќе ја земат многу луѓе и да се елиминира болеста на глобално ниво, изјави Бил Гејтс во интервју за Ен-Би-Си во неделата.
Само тогаш можеме конечно да се справиме со проблемите што се појавија за време на пандемијата, во образованието и менталното здравје и да започнеме враќање на старо на позитивен начин, додаде Гејтс.
Според овој висок стандард поставен од Гејтс, Американците (и всушност поголемиот дел од светот) треба да живеат со години, па дури и остатокот од својот живот под епидемиолошки мерки, како што се социјалното дистанцирање и други ограничувања.
Гејтс повторно го критикуваше американскиот пристап кон борбата против пандемијата, нарекувајќи го „еден од најлошите во светот“, освен агресивните инвестиции во развојот на вакцината. Тој изјави дека резултатите од тестовите често не стигнуваат во рок од 24 часа, што ги прави целосно бесмислени. Исто така рече дека американскиот систем за тестирање е „еден од најлошите во светот во однос на тоа кој смее да биде тестиран.
„Ќе има уште многу мртви ако не дејствуваме заедно“, рече Гејтс.
Критиките на Гејтс доаѓаат во време кога американскиот претседател Доналд Трамп го нарече американскиот одговор на пандемијата „феноменален“ и рече дека тие „спасиле животи на потенцијални милиони жртви“. Трамп беше позитивен на корона на 1 октомври, а потоа рече дека е „излечен со експериментален третман со моноклонални антитела“.
Основачот на „Мајкрософт“ на тоа одговори дека не е во ред да се зборува за излекување бидејќи терапијата што ја добил Трамп не е ефикасна за секој пациент, но додава дека засега ветува најмногу.