Во Хрватска синоќа се одржа првата пилот-забава со цел да се провери дали собирите на граѓани кои се вакцинирани, тестирани и оздравени од Ковид-19, се епидемиолошки безбедни.
Пилот забавата започна во 18 часот во ресторан во загрепската улица „Стројарска“, каде бил присутен дежурен епидемиолог од Хрватскиот институт за јавно здравје, кој ќе набудува сè.
Биле присутни 70 до 80 гости, од кои само еден дел се знае од претходно. Сите, како што е наведено во барањето на епидемиологот и Кризниот штаб, биле вакцинирани со две дози вакцина.
По една недела, учесниците повторно ќе бидат тестирани дали некој е заразен.
Синоќешниот експериментален настан не е класична вечера во ресторан, туку идејата е да се дружат едни со други без социјална дистанца и маски.
На забавата немало седење, поставени биле само неколку столици во барот, бидејќи организаторите сакале да ги охрабрат луѓето да се дружат едни со други и да се движат низ ресторанот. Храна и пијалоци се служеле на една маса, како што обично се случува на кетеринзите.
За музиката бил задолжен диџеј, а од учесниците се очекува да се релаксираат и да се однесуваат како што би се однесувале пред пандемијата, односно да не се држат до дистанца.
– Повеќе луѓе беа подготвени да учествуваат отколку што очекувавме, одговорот беше многу добар. Секој беше заинтересиран за еден таков експеримент што ни служи за да можеме да се вратиме во некаква нормалност – изјавила Жаклин Троскот од Независното здружение на угостители, кое ја презело организацијата на двата пилот настани.
Таа најавила дека во сабота ќе се одржи уште еден настан, пилотска венчавка со три категории луѓе – оние кои биле вакцинирани со две дози, оние кои биле тестирани и оние кои го прележале коронавирусот.