Директорот на германската агенција за контрола на болести, Лотар Вилер, предупредил дека на земјата ѝ се заканува „ужасен Божиќ“, доколку не се преземат потребните чекори за сузбивање на вирусот.
Германските пратеници денеска расправаат за епидемиолошките мерки кои ќе ги заменат постоечките ширум земјата.
Германската агенција за контрола на болести „Институтот Роберт Кох“, денеска соопшти дека во еден ден забележани биле 65.371 потврдени случаи на Ковид-19, со што продолжува трендот на кој експертите предупредуваа претходно.
„Моментално се движиме кон сериозна вонредна ситуација. Ќе имаме навистина ужасен Божиќ доколку сега не преземеме нешто“, изјавил Лотар Вилер, директор на агенцијата.
Вилер изјавил дека Германија треба да ја зголеми стапката на вакцинација значително над 75 отсто, од сегашните 67,7 отсто. Некои региони во Германија имаат стапка на вакцинација која достигнува 57,6 отсто.
Вилер повикал на затворање на клубовите и баровите, откажување на големи настани и пристапот до многу делови од јавниот живот да се ограничи на оние со вакцина или сертификат за прележан Ковид-19.
Вилер предупредил и дека болниците ширум Германија се борат да пронајдат слободни кревети за пациентите со Ковид-19 и оние со други болести.