Иако анкетите во Русија покажуваат дека јавноста силно ја поддржува „специјалната воена операција“ што руската војска ја спроведува повеќе од два месеци во соседна Украина, некои членови на руската елита, особено оние кои се збогатија пред да дојде актуелниот претседател Владимир Путин почнаа да зборуваат против руската инвазија, пишува Вашингтон пост.
Многумина од нив во не толку гласните истапувања сепак се фокусирале на сопствените проблеми. Санкциите кои Западот и ги наметнал на Русија се како нова Железна завеса и руските тајкуни поради нив не можат да пристапат до десетици милијарди долари со кои располагале пред војната во Украина.
„Во еден ден се уништија работи кои се градени со години. Тоа е катастрофа“, рекол еден бизнисмен кој на денот на почетокот на инвазијата бил повикан на состанок со претседателот Путин.
Белата куќа во четвртокот на руските олигарси им донела уште лоши вести кога го објавила предлогот нивните блокирани имоти да се продадат на отворениот пазар и заработката да се даде на Украина.
Најмалку четири олигарси кои се збогатиле во мандатот на Борис Елцин веќе ја напуштиле Русија. Најмалку четири високопозиционирани службеници поднеле оставки и ја напуштиле земјата. Меѓу нив е и Анатолиј Чубајс, посебен советник на Кремљ за одржлив развој и лидер на приватизацијата во времето на Елцин.
Други високорангирани службеници кои се потребни за функционирање на земјата не тргнале по неговите чекори. Некои не можат да заминат дури и да сакаат. Во таков “затвор” на пример е гуверенерката на Централната банка на Русија, Елвира Набуљина. Таа оставката ја понудила откако Западот на Русија и ги наметнал санкциите, но Путин одбил да ја прифати.
Повеќе руски милијардери, високопозиционирани банкари, високопозиционирани службеници и поранешни службеници рекле дека Путин ги измамил и дека чувствуваат дека на него не може да се влијае бидејќи во неговиот најтесен круг на соработници доминираат “тврдолинијаши” од секторот за безбедност. Незадоволните во своите досегашни јавни истапи на таа тема биле прилично воздржани и во главно се фокусирале на прашањата за рускиот одговор на санкциите. Никој од нив не го критикувал директно Путин.
Владимир Лишин, лидер на еден од четирите најголеми произведувачи на челик во Русија, го критикувал предлогот странците да се натераат низа сировини да се плаќаат исклучиво во рубљи. Лишин во разговорот со еден московски весник рекол дека усвојувањето на тој предлог ќе доведе до исфрлање на Русија од меѓународните пазари. Владимир Потјанин, сопственик на фирма за рударење на никел и паладиум “Норникел” и еден од архитектите на приватизацијата која во Русија е спроведена во 1990-тите година, предупредил дека предлозите да се запленат имотите на компаниите кои поради војната ја напуштиле Русија ќе ја уништи довербата на инвеститорите. Деловниот магнат Олег Дерипаска војната во Украина ја нарекол лудило и предвидел дека економската криза која ќе и се случи на Русија поради санкциите ќе биде полоша од таа која ја погодила земјата во 1998-ма година. Покрај тоа, тврдел дека економската политика на Путин не резултирала со раст на руската економија и платите на нејзините граѓани. Рекол дека Русија долго ќе се срами од војната во Украина, но додал дека за војната подеднакво е виновен и Западот.
„Никогаш порано не сум ги видел толку шокирани. Не можеа да зборуваат“, рекол друг учесник на истиот состанок.
Додека чекале Путин да дојде на состанокот, а го чекале повеќе од 2 часа ,сфатиле дека нивните деловни царства кои ги граделе повеќе од 30 години, набрзо ќе се урнат.
Некои кажаа – “изгубивме се”, рекол еден од нив.
Меѓутоа, кога Путин пристигнал, не му упатиле ниедна критика. Не се осудиле. Рускиот претседател им кажал дека нивната земја ќе остане дел од меѓународните пазари. Тоа ветување се покажало како лажно. Додал и дека немал избор и морал да ја нареди специјалната воена операција.
Во меѓувреме бил изгласан закон кој предвидува дека секое критикување на војната ќе се казни со затвор од 15 години. Режимот на Путин предложил во министерствата да се создаде нов систем во рамките на кој во Кремљ, преку своевидни политички комесари, ќе се дојавува кој е во какво расположение и како се чувствува.
Одлуката на Путин ги шокирала и другите припадници на руската елита – технократите и некои членови на безбедносните служби.
„Освен оние кои биле директно вклучени во подготовката на инвазијата, министерот за одбрана Сергеј Шојгу, началникот на Главниот стожер на вооружените сили Валериј Гарасимов и неколку луѓе од ФСБ, никој не знаел што се подготвува“, рекол за “Washington Post” еден руски милијардер.
Многумина верувале дека Путин ќе се фокусира на Доњецк и Луганск. Еден висок службеник рекол дека Русија се подготвила за исфрлање од “SWIFT”, меѓународната банкарска мрежа за обработка на податоци и комуникација, но не се подготвила за сеопфатните санкции кои се наметнати.
Руските милијардери кои трпат поради санкциите и неколку членови на безбедносниот естаблишмент на војната во Украина сега гледаат со растечки шок.
Едно лице во разговор за “Post” реферирало директно на Шојгу кога рекло: „Сите тие сакаат нормален живот. Имаат куќи, деца и внуци. Не им е потребна војна. Не се сите суицидални. Сакаат да живеат убаво. Сакаат нивните деца да имаат се и да можат да патуваат на најлуксузни локации“.
Москва била прилично потресена од одлуката на Западот да замрзне половина од паричните резерви кои на располагање ги има руската централна банка, а кои изнесуваат околу 300 милијарди долари. Гувернерката Набуљина поради тоа понудила оставка, но пет лица кои се запознаени со таа ситуација тврдат дека Путин ја одбил. Централната банка тврди дека Набуљина не се обидела да поднесе оставка.
„Набуљина разбира дека не може едноставно да собере се и да замине. Во тој случај работите за неа би завршиле многу лошо“, рекло едно од тие лица. Слично размислува и Вадим Баљајев, поранешен сопственик на најголемата руска приватна банка “Откритје”.
„Сите ќе работат се додека не им дојде обвинение од Меѓународниот кривичен суд“, додал Баљајев.
Своите позиции во Русија ги напуштиле само оние кои не се неопходни за функционирање на државата и оние кои не припаѓаат на елитите.
Меѓу оние кои не можат да ги напуштат своите положби е и Алексеј Кудрин, министер за финансии од првите два дена на претседателскиот мандат на Путин. Едно лице кое го познава рекло дека Кудрин верувал дека Путин нема да нареди напад на Украина. Кудрин, кој сега го води Државниот кабинет за ревизија, на своите сојузници им рекол дека неговото заминување ќе биде предавство. Еден друг висок државник рекол дека чувствува дека мора да остане во Москва, односно дека одговорноста му го наложува тоа.
„Ако заминат сите, кој ќе ја поправи оваа лоша ситуација. Тоа е како да работите во нуклеарка. Кој ќе ја води ако вие заминете? Ако заминете, постои можност да експлодира“, рекол тој службеник.
Меѓу милијардерите кои Русија ја напуштиле речиси веднаш по почетокот на војната се нашле и некои што се збогатиле во времето на Елцин, како сопствениците на компанијата за рударање на скапоцени камења “Полиметал” Александар Мамут и Александар Несис, потоа Михаило Фридман и Петр Авена од инвестицискиот конзорциум Алфа Груп. Другите, меѓутоа, се плашат дека државата ќе им ги одземе компаниите ако ја напуштат Русија. Некои од нив се надеваат дека од целата ситуација ќе излезат без проблеми.
„Можеби не ја поддржувате војната, но мора да молчите и да ги поддржувате своите сонародници бидејќи вашите војници умираат. Можеби не сте среќни, но не смеете тоа да го кажете“, рекол познаник на еден милијардер кој бил присутен на состанокот меѓу Путин и бизнисмените кој се одржал на 24-ти февруари.
Своето мислење го кажале и оние кои се сеќаваат на поинакви времиња и кои се збогатиле пред Путин да дојде на власт. Сергеј Пугачев, инсајдер од Кремљ кој ја напуштил Русија во 2011-та година, укажал на тоа дека тајкуните се уште внимаваат да не упатат критика на сметка на Путин. Еден поранешен банкар од Западот кој соработувал со руските олигарси рекол дека богаташите кои се збогатиле за време на подемот на Путин никогаш нема да го критикуваат рускиот претседател. Пугачев додал дека во Москва и општо во Русија има и такви на кои војната не им пречи. Пугачев вели дека тие во главно ја критикуваат војската бидејќи не се подготвила добро за нападот.
По иницијалните санкции, руската економија, изгледа, се стабилизирала. Како што пишува “Washington Post”, тоа е така бидејќи Европа секој ден купува нафта и гас во вредност од 800 милиони долари.Одлуката на Централната банка која извозниците ги тера да продадат 80 проценти од своите готовински приходи оневозможила имплозија на рубљата, а сето тоа го навело Путин да утврди дека “економскиот блицкриг” со Русија е нападната – не успеал.
Набуљина, меѓутоа, на почетокот на овој месец рекла дека последиците од санкциите допрва треба да се почувствуваат, дека најлошото допрва доаѓа и дека руската економија не може да живее од резерви. Пугачев вели дека позицијата на Путин поради тоа не е сигурна.
„За три месеци фабриките и продавниците ќе останат без инвентар, а ќе се дознае и колку руски војници настрадале во судирите во Украина. И покрај тоа што им е зададен речиси смртоносен удар, руските бизнис елити, изгледа, се скршени од страв. Не знам кој има храброст да му се спротивстави“, рекол еден бизнисмен.
„Ако војната потрае и ако елитите почнат да губат, тогаш шансите за бунт растат. Ќе дојде до сериозна битка за Донбас. Ако Русија не победи во таа битка, тогаш ќе дојде до голема битка внатре во руските елити“, додал тој.