Актерката Милена Дравиќ беше икона на југословенската кинематографија. Важеше за една од најголемите филмски диви на овие простори, а како и секоја вистинска убавица, ниту мажите ниту обожавателите не можеле да ѝ одолеат. Иако зад себе има два пропаднати брака, славната актерка среќата ја пронашла со Драган Николиќ и нивниот брак траел речиси 50 години.
Љубовниот живот на оваа актерка станал легендарен, а сето тоа затоа што таа била три пати во брак, а овој трет пат навистина се покажал како „трет пат среќа“. Имено, Милена била во брак со Воислав Кокан Ракоњец како и со Пуриша Ѓорѓевиќ, но вистинската среќа и брачна идила ја спознала само со Драган Николиќ, исто така актер.
Така, по два брзи и кратки брака, Милена падна во прегратките на шармантниот Драган, а го сакаше до својата смрт. Нивната љубовна приказна започна спонтано, многумина дури би рекле – судбоносно. Тие се запознаа на снимањето на филмот „Хороскоп“ во 1969 година, а Милена веќе уживаше голема популарност низ Југославија, додека Драган сè уште се бореше за своето место меѓу големите ѕвезди на поранешна Југославија. Уште од првата средба и двајцата се заљубија и знаеле дека се еден за друг.
„Кога ѝ пријдов, имав впечаток дека е девојка од околината што ја познавам цел живот. Токму тука лежи нејзината вистинска големина. Ме освои со својата непосредност и нормалност“, изјавил тогаш Николиќ.
Веднаш се запалија љубовните искри, а тие се венчаа во 1970 година на пауза од снимањето.
„Го снимавме новогодишниот ТВ-филм ’Како се сакаа две будали‘. Кога директорот Аца Ѓорѓевиќ ни даде слободно време за ручек, јас и Драган скокнавме во општина Врачар да се венчаме. Така беше, се венчавме на паузата за ручек“, изјавила Милена Дравиќ за нејзината трета венчавка, која беше едноставна, мала и непретенциозна, а сепак стана легендарна.
„Кога завршивме со матичарот и официјално станавме брачна двојка, отидовме на ручек. После се вративме и продолживме да снимаме како ништо да не се случило“, го опишала денот на својата венчавка актерката.
Откако влегоа во брачните води, почнаа уште почесто и покомплексно да работат на нови филмски и телевизиски проекти. Како брачен пар ги освоија срцата на публиката во емисијата „Образ до образ“ која се емитуваше во седумдесеттите. Нивниот следен заеднички проект беше југословенската хит-серија „Враќање на отпишаните“, која беше снимена во 1977 година.
Иако од денот на нивната венчавка до денот кога смртта ги раздели, тие беа постојано заедно и заљубени како првиот ден, никогаш немаа деца, а актерката изјави дека за тоа се чувствува малку виновна, но дека тоа не го сметаат за мана во нивните односи.
Нивната љубов траеше речиси 50 години, а ги раздели смртта на Драган на 11 март 2016 година.
„Секогаш мора да има толеранција и разбирање, а потоа сè друго. За брак кој трае подолго од 30 години може да се најдат повеќе причини за негово раскинување отколку за опстанок. Мислам дека е најлесно да се пресече и заврши нешто, многу е потешко да се бориш. Понекогаш и мала расправија може да го разубави денот. Некогаш е потребно да се биде љубоморен затоа што и тоа е еден од показателите за љубовта, освен што не го покажав. Што се однесува до некои расправии, Милена секогаш беше погласна, но и побрзо простуваше“, изјавил Драган непосредно пред смртта за долгиот брак со Милена.
Во моментот на смртта на нејзиниот сопруг, Милена се соочила со уште една тешка ситуација – ракот. На крајот, таа ја загуби битката со болеста на 79 години во 2018 година. Покрај богатото филмографско наследство што ни го оставија, Милена и Драган дефинитивно ќе останат запаметени по нивната идилична, бајковита љубовна приказна.