Зоран Михајлов
-Оваа реченица ја изговори еден од столбовите на македонската Хималајска експедиција д-р.Горазд Росоклија, откако веќе беше јасно дека Димитар Илиевски засекогаш ќе остане заробен во Хималајските белини.
-Акцијата беше внимателно планирана, се чекаше погодно времe за да се тргне кон врвот.
-Диме одеше како часовник на Хилари степ,беа зборовите на прекалениот алпинист Хрватот Стипе Божиќ кој ги направи историските снимки на Мурато со развиореното македонско знаме на врвот на светот!
Откако експедицијата,која беше составена од искусни алпинисти ги заврши сите подготовки во Македонија, пролетта во 1989 година полета за Катманду, главниот град на Непал. Тука пристигнуваа сите експедицции кои подоцна се упатуваа кон своите базни логори каде што ги почнуваа подготовките за искачувањето. Базниот логор на нашата експедиција беше лоциран на 5.300 метри надморска височина. Од овде етапно требаше да се префрлаат шаторите и другата потребна опрема од првиот до четвртиот висински логор.
-И овде имаше определена процедура што мораше да се почитува, – вели Попоски.
-Работите се одвиваа постапно и тука беше многу битна логистиката за која што јас бев задолжен како лидер на експедицијата. Се мораше добро да се испланирa, да се подели работата подеднакво на сите и да се изгради таа таканаречена материјална пирамида во што имавме асистенција од шерпасите. Во текот на качувањето можеше да дојде до појава на смрзотини кај некои алпинисти,па за нив експедицијата предвреме да биде завршена. Впрочем, тоа и ни се случи со Ѓоко од Битола и Серафим од Струмица. Кога тргнаа заедно со Мурато да однесат дел од опремата во третиот висински логор времето беше топло. Но, колку што одминуваше денот стануваше се постудено. Диме веќе беше стигнат на определената локација а тие двајца додека одеа нагоре од преголемиот студ добија смрзотини од 2 ред и веќе на нив не можевме да сметаме. Но,сето тоа е составен дел во алпинистичкиот спорт. Некогаш се случува некоја експедиција да заврши со 30 посто помалку алпинисти од вкупниот ростер што го има на располагање!
И синот на Хилари се откажа
Како водач на експедицијата Попоски беше тој што ја водеше логистиката и што ги планираше следните акции. Во контекст на тоа вели:
-Сакавме искачувањето да биде кон крајот на април, но времето не беше најпогодно. Имаше многу снег, па од тие причини дури и синот на првиот алпинист што се искачи на Монт Еверест -Едмонт Хилари го откажа качувањето. И тој почувствува дека не е момент да се тргне кон врвот. Во една таква ситуација кога и другите го откажуваа качувањето-и ние го одложивме качувањето. Ваквите ситуации носат и нервоза, но знаевме дека е подобро да биде така одошто да се ризикува. Јас со Горазд Росоклија кој не само што ми беше десна рака, туку беше рамноправен со мене,постојано ја следевме временската ситуација и циклонската активност. Кога видовме дека времето се смирува решивме да почнеме со акцијата. Планот беше на 7 мај да се тргне од базниот логор кон првиот, вториот и третиот за до 10 мај да се стигне до четвртиот висински логор. Оттука почнуваше оној најтешкиот дел – искачувањето кон Монт Еверест или како што често меѓу алпинистите се нарекува Мајката божица. Тимот што ќе оди нагоре беше составен. Димитар Илиевски-Мурато,требаше да е на чело на „тројката“ во која беа и легендите на алпинизмот кои се приклучија како пратечки членови на нашата експедиција, Хрватот Стипе Божиќ и Словенецот Виктор Грошељ. Искачувањето беше планирано да се одвива преку класичната патека од страната на Лоце Фејс кон врвот. По истата насока ,по искачувањето на Мурато на Монт Еверест-ден подоцна на 11 мај требаше да тргнеме кон врвот јас и Диме Тодоровски.
Мурато на врвот на светот!
Димитар Илиевски-Мурато,во друштво на Божиќ и Грошељ ,тргнува во решавачкиот поход. Сите долу, во базниот логор се во исчекување,а Јове и Горазд постојано преку радио-станицата се во контакт со „тројката“.
-Диме одеше како часовник, просто не можев да верувам со каква леснотија го совладува Хилари степ, зад него Стипе заостана неколку метри, но сепак успеваше да држи чекор ,велеше подоцна Грошељ. Јас не можев да ги следам и дури подоцна стигнав на врвот. Диме веќе го имаше развиорено македонското знаме, но не можевме да направиме фотографија бидејќи апаратите ни беа замрзнати и не функционираа,-се сеќава Стипе Божиќ.
-Јас носев и камера која беше стуткана во облеката. Ја извадив и се обидов да го снимам Диме, но набрзо и таа откажа. Мислев дека ништо не сум успеал да снимам и бев многу разочаран. Дури по неколку денови откако стигнав во Сплит му се јавив на Јован да му кажам дека сепак нешто сум успеал да снимам. На 4-5 клипчиња се гледаше Диме со развиореното знаме. Беше пресреќен,за последен пат ја видов насмевката на неговото лице. Потоа стигна и Грошељ,а јас и Диме веќе почнавме да слегуваме надолу. Два пати ми откажуваше батеријата, па Диме кој беше пред мене се враќаше да ми помогне да ја оспособиме. Потоа повторно продолжувавме заедно. Тој одеше пред мене и во еден момент ми се загуби од видот. Беше многу брз и лесно се движеше по тешкиот терен. Мислев дека од радост му се брза да стигне до четвртиот висински логор,каде што ќе се одмореше. Моето изненадување беше големо кога стигнав во 4-тиот логор,а Диме го немаше. Тогаш помислив дека се случило нешто лошо. Јас останав тука и не продолжив кон базниот логор,чекав да се појави во ноќта, но него го немаше.
Прекинато славјето во базниот логор
Во меѓувреме во базниот логор долу сите алпинисти и оние од другите експедиции заедно со нашите го прославуваа големиот успех. Никој во тие моменти не можеше да поверува дека се случило најлошото. Диме ,веројатно да земе сила, подзастанал да се одмори, а тоа за него било погубно. Заспал и белата смрт му го одзела животот на битолскиот херој. Мурато засекогаш остана во пазувите на Хималаите. Тој не успеа да се израдува со своите другари и да го прослави успехот.
-Ние не можевме да поверуваме во суровата вистина,- вели Јове и се уште кај нас постоеше надеж дека Диме ќе се врати. Верувавме во чудо зашто имаше еден пример со еден алпинист кој дури по 20 дена беше пронајден жив на страната кон Тибет. Надежта беше присутна се додека еден австриски алпинист кој наишол на неговото мртво тело не ни даде точен опис на облеката која ја носеше Диме. Според неговото кажување и позата во која го видел телото на Мурато,претпоставувавме дека најверојатно сакал да се одмори бидејќи бил навален на едната страна.
Славјето во базниот логор во кое учествувале и членови на други експедиции од неколку земји,било прекинато.Сите молкум заминале во своите шатори,тажни –не сакајќи да веруваат во болната вистина дека македонскиот алпинист нема да се врати.
Блискиот другар на Јове, д-р.Горазд Росоклија кој постојано од базниот логор беше заедно со него на радио-врска со Диме, рече:
-Ова беше најсреќниот, но и најтажниот ден во мојот живот. Бев среќен што горе на највисокиот врв на светот се развиори македонското знаме,а тажен што херојот кој го изведе подвигот за жал засекогаш остана во Хималајските белини.
Тешка е помислата за разделба
По овој настан Јован Попоски и натаму остана во алпинистичкиот спорт,но не со тој жар и елан како порано .Ги обучува младите, тој ја има улогата на инструктор, а истовремено е и селектор. Со својот другар Пајо од кого ги научи првите лекции за алпинизмот е неразделен и денеска. Двајцата и натаму се непресушен извор од кој младите македонски алпинисти,па дури и неколкумина алпинисти од други држави, црпат знаења. Тие не можат лесно да се разделат од големата љубов – алпинизмот, а Јове постојано кога ќе почне да се зборува за овој спорт го споменува Мурато.Тагата кон храбриот битолчанец и денеска по 28 години од искачувањето на Монт Еверест е голема. Таа вечно ќе ги заробува срцата на нашите Хималајци,а и на нас сите, зашто еден ваков херојски подвиг кој за жал трагично заврши, не може да се заборави.
Кај нашата алпинистичка легенда Јове остануваат сеќавањата за првите искачувања на Отмаровата патека на Матка, а и тренинзите на една мала карпа под самиот врв на Водно.
-Таа беше идеална за тренинг и за совладување на алпинистичката техника.Тие моменти поврзани со моите први чекори во алпинизмот вечно остануваат врежани во мојата меморија.
Алпинистите во тоа време беа вистински спортски херои. Младите посакуваа да бидат како Јове и неговите другари, па се зачленуваа во планинарските ,подоцна и специјализираните алпинистички друштва. Сите тие посакуваа еден ден да се најдат на највисоките врвови во светот,а секако најголемата желба беше да се искачат на Монт Еверест.
Поправка фабрички оџаци и силоси
За да обезбедат некоја пара, за да може да реализираат дел од своите активности, алпинистите во тоа време се изложуваа на големи опасности.
-Така,често бевме повикувани да поставуваме громобрани или да поправиме фабрички оџак. Тоа беше опасно,но ние ги користевме алпинистичките вештина и успевавме да ја завршиме работата. Се сеќавам многу опасно беше кога требаше да поставиме громобран на џамијата во Битола. Беше многу ризично,но на крајот успеавме, -вели алпинистичката легенда Јове Попоски.
Најефтина експедиција
Според кажувањето на Јове Попоски македонската експедиција била една од најефтините Хималајски експедиции:
-Целиот потфат, вклучувајќи ја дозволата за качување на Монт Еверест што се добива од Непалската влада, потоа за услугите на шерпасите и сите други трошоци-авио билети за членовите на експедицијата, опремата, специјалната храна и се што е поврзано со реализацијата на потфатот, чинело 73 илјади долари. За споредба да кажам дека бугарската експедиција која допатува со специјален авион и врвна алпинистичка опрема чинеше еден ипол милион долари! Па сега,видете колкава е разликата, -вели Јове.