На вчерашен ден пред 95 години е родена Јованка Броз, првата дама на СФРЈ, сопругата на претседателот Јосип Броз Тито. Нејзиниот живот и односот со Тито во еден дел ќе остане мистерија, пред сè затоа што Јованка по смртта на Тито била изолирана од јавниот живот. Меѓутоа, пред две години, сценаристот и режисер Милан Шарач, најавувајќи ја монодрамата-исповед “Јас, Јованка Броз“, изјавил дека лајтмотивот на мелодрамата е всушност предсмртната желба и порака на некогашната прва дама на големата Југославија, односно нејзината исповед дадена само неколку месеци пред нејзината смрт. Шарач тогаш открил неколку ексклузивни детали за јавноста.
Таа на Милан му раскажала и детали од времето кога почнал “атакот“ за да ја разделат од Тито.
„Дојдов во резиденцијата, а Тито не беше таму. Исчезна. Каде? Никој ни збор да каже. Го немаше 13 денови. Бев во шок. Не можев никому да му кажам, мислам на светската јавност ниту пак сама да го барам. Замислете, држава без шеф. Исчезна човекот сред бел ден. Кога го вратија тоа не беше мојот Тито. Тоа беше првиот ден од нашата конечна разделба. Каде беше тој? Кој го киднапираше? Му го раскажав тоа само на Раде Чечур, мојот шеф на обезбедувањето, полковник на полицијата“ – признала Јованка.
Во монодрамата ќе се види дека вдовицата на Тито никогаш не се одрекла од православната вера, без оглед на режимот во чиј корен бил атеизмот.
Инаку, колку Јованка му била верна на Тито, се видело за време на посетата во Франција, кога било откриено дека носи оружје. Ова го откри eден од малкуте пријатели на Јованка, адвокатот Тома Фила, кој 2,5 децении се борел по правен пат некогашаната прва дама да ги оствари своите права, да добие пензија, документи, личен имот..
-Дошло до инцидент, на балот на Јованка од ташна и испаднал пиштолот, а обезбедувањето се обидело тоа да го прикрие. Тито имал голема доверба во неа, таа била последната линија на неговата одбрана, па затоа со себе носела мал пиштол за ликвидација. Ако сите служби откажат, таа требало да го штити со својот живот. Таа Тито го сакаше до лудило и никако не може да се рече дека со него била од интерес-рекол Фила.