Поранешниот македонски амбасадор во Австрија, Ѓорѓи Филипов, на својот Фејсбук профил, се прости од Шон Конери и го раскажа неговото искуство од средбата со него:
“НЕКА ПОЧИВА ВО МИР БОНД, ЏЕЈМС БОНД,
СЕР ШОН КОНЕРИ, СЛАВА МУ!
Во куса средба, пред доделување на наградата за животно дело на Берлинскиот филмски фестивал, 2006та, во организација на Македонската амбасада, по иницијатива на Миодраг Мишолиќ, Шон Конери даде интервју за Теа Модерна. Во разговорот со македонскиот амбасадор, Конери покажа зачудувачко познавање на состојбата со македонскиот стремеж кон евро-атлантските интеграции и пречките за нивно реализирање. Ја спореди судбината на Македонија, со судбината на Шкотска, најде многу сличности и изрази поддршка нарекувајќи се “пријател на Македонија”. Се согласи на разговор со новинарот ако ветиме дека ќе испратиме новинар и на филмскиот фестивал во Единбург, ветување што, како што ме информира Миодраг не сме успеале да го реализираме. Разговорот се одвиваше во присуство на неговата шармантна стрплива сопруга и на луѓе од организацискиот одбор на фестивалот, кои не можеа да сфатат откаде се појави оваа “непредвидена средба” и интервју на главната ѕвезда на вечерта и фестивалот со “мацедонише ботшафтер” и “мацедонише журналисте”. Само амбасадорот, возачот/обезбедувањето и новинарот знаат како беше изведена “непредвидената од никого средба”. Бог да го прости Шон Конери, легендарниот Џејмс Бонд 007, фантастичен актер и човек произлезен од народот, пријател на Македонија. Слава му, нека почива од мир “тајниот агент” што цел свет го познаваше, “ напиша Филипов на својот Фејсбук профил.