Сигурен сум дека добро се сеќавате на омилената епизода од Македонски народни приказни, кога арамијата го мами случајниот минувач дека е врзан за дрвото, бидејќи не сака да се жени со царевата ќерка.
За доброто на приказната минувачот наивно му верува на арамијата и го ослободува и со недвосмислен израз на слободна волја се согласува да го заземе неговото место, бидејќи тој сака да се ожени за царевата ќерка. Па така врзан за двете раце вика на цел глас – ја сакам царевата ќерка!
Римејк на оваа епизода видовме пред некој ден и тоа на Фејсбук. Лажната фан страница со име КАМ Маркет им организираше некаква наградна игра на корисниците на социјалната мрежа, кои за да влезат во потесен избор за добивањето на наградата требаше во поштенско сандаче да испратат порака – го сакам КАМ. И нормално со простодушната лековерност и интелегенција рамна на епизоден лик од народните приказни, стотици, ако не и илјадници Македонци во местото предвидено за коментари напишаа – го сакам КАМ во поштенско сандаче.
Не е страшно се разбира тоа што најголемиот дел од нив не знаат дека инбокс и поштенско сандаче е една иста работа и тоа што по кој знае кој пат водени од сопствената лековерност биваат измамени од некоја лажна фан страна на Фејсбук. Проблемот е погодувате во тоа што овие наши сограѓани имаат право на глас, па така наивни и некритични во расудувањето, од избори до избори како по правило се обединуваат околу некоја политичка иницијатива која нуди лажна перспектива.
Глупаво и сосема бескорисно е да се повторуваат во овој момент сите неславни промашувања на просечниот македонски граѓанин, кој откако почна потајно да се сомнева во тоа дека земјата е тркалезна, започна отворено да не се вакцинира и да се лекува со помош на советите постирани на Фејсбук групите од типот на Женски домаќински муабети, а својот политички курсор го штелува на форумите во чиј наслов помите Бог и Македонија редовно одат заедно.
Некако чувствувам потреба во овој момент креативно да се изразам, па последната епизода од славната македонска глупост да ја овековечам со една пригодна строфа:
КАМ маркет ти си мое злато
и те сакам како во песничката за Нато, Нато
Се колнам во моето раче
дека го сакам КАМ во поштенско сандаче
Доколку навистина постои некаква поетска правда јас сега ќе ги добијам главните награди од сите лажни наградни игри на мрежата, а законот за Фејсбук кој треба да стапи на сила точно на пладне ќе предвиди дека секој што ти го гледа профилот ќе мора да се обврзе дека на секој верски празник ќе ти испрати барем една генеричка порака во инбокс, со се поштенското сандаче заедно.
(Преземено од Фејсбук)