Вработен во Бакингамската палата во Лондон, е осуден на осум месеци затвор затоа што подолго време крадел низ просториите на Палатата, што е службена резиденција на британската кралица Елизабета.
Меѓу украдените предмети, најголемиот дел се поситни, но вредни предмети – најмногу разни медали, потоа фотографии со оригинални потписи, како и разни албуми и украси кои се чуваат во кралската палата.
Крадецот, на крајот бил откриен и уапсен, а сега е и осуден.
Станува збор за 37 годишен маж кој работел во Палатата како батлер. Уште на првото сослушување ги признал сите извршени кражби. При претресот на неговиот стан, најголемиот број од украдените предмети биле пронајдени.
На полицијата и објаснил дека предметите што ги крадел од Бакингамската палата, ги продавал – најчесто преку Еbuy – на разни колекционери кои собираат ретки, мали работи врзани за кралското семејство. Признал дека ги продавал за многу пониска цена од вистинската, плашејќи се да не биде откриен.
Меѓу последните работи, продал две вредни медали, како и албумот со фотографии од свечената, кралска вечера што кралицата ја има приредено за Доналд Трамп, за време на неговата официјална посета на Велика Британија.
Крадецот работел во кралската палата од 2015 година. Вистинската вредност на украдените предмети се проценува меѓу десет и 100 илјади фунти.