Познатата модна креаторка Мирјана Мариќ почина денеска во Белград на 84-годишна возраст.
Мирјана Мариќ ја воведе високата мода во Југославија и со своите модели го маѓепса светот. – Историјата на модата и модните дизајнери на Југославија започна со потписот на Мирјана Мариќ, а нејзините креации со воодушевување ги носеа првата дама на Југославија Јованка Броз, „амазонките“ на Гадафи, данската принцеза, белгиските принцези, претставници на дипломатскиот кор, сопруги на многубројни државници кои во седумдесеттите и осумдесеттите години доаѓаа во Белград – потсетуваат пријателите блиски до семејството.
Родена е на 22.05.1938 година во Кравље во близина на Ниш, а од 1948 година живееше со своето семејство во Белград.
Дипломирала во 1960 година на Академијата за применета уметност, отсек за текстил, а потоа и магистрирала текстил и современ костум на Уметничкото училиште во Манчестер.
Во 1968 година, таа добила статус на хонорарен уметник и се вработила во „Југоекспорт“, убедувајќи го раководството на компанијата дека мора да започне со производство, а неколку години подоцна започнала да работи во работилницата за висока мода.
Последните 35 години живеела на релација Србија-Америка.
Мирјана била во брак д-р Михајло Мариќ, основач на Службата за општествено сметководство на поранешна Југославија (СДК), кој починал во 1992 година.