Ненси „Џоан“ Гифорд, која е родена неколку месеци по завршувањето на Првата светска војна, во вторникот го прослави својот 104. роденден. Она што е интересно е дека целиот свој животен век го поминала под ист кров.
Таа неодамна ја донела одлуката дека сака да ја продаде куќата во која се доселила кога имала само две години.
Нејзиното семејство го купило имотот со три спални во 1921 година за само 200 фунти, што е приближно 10.000 фунти денес (нешто помалку од 11.400 евра). Еден век подоцна, оваа куќа се проценува на 169.950 фунти (193.810 евра).
Нејзиниот син Џон (79) изјавил дека имал прекрасно детство во Сомерсет, Англија и дека во тој крај сите се познаваат и се дружат.
„Кога бев помлад, имаше многу семејства во овој крај и сите се познававме еден со друг. Времето кое го поминувавме како деца беше фантастично, се шетавме по полињата, пливавме во реката, гледавме птици како се гнездат – нешта кои денешните деца не ги прават. Сите бевме сиромашни, но бевме среќни“, заклучил Џон.
Агентот за недвижности неведува дека оваа куќа е изградена во 1882 година и дека, со исклучок на кујната и обоените ѕидови, горе-долу сè останало во првобитната состојба.
„Оваа куќа чува многу спомени за Ненси и нејзиното семејство, но сега, повеќе од еден век подоцна, време е друго семејство да создаде свои спомени во неа“, вели агентот.
Со оглед на тоа што пораснала и одела на училиште во овој крај, Ненси го запознала нејзиниот покоен сопруг Берт низ уличките на селото во средината на триесеттите години на минатиот век.
Жената сака да ја продаде оваа куќа бидејќи, поради здравствени причини, планира да се всели во дом за стари лица.