Најстарите сијамски близнаци во светот Рони и Дони Галион кои работеле по карневали и во циркуси од својата три годишна возраст, починаа на 4 јули во нивниот роден крај Дејтон, Охајо на 69 години. Властите навеле дека умреле со природна смрт. Тие беа споени во пределот на стомакот уште од нивното раѓање.
Браќата се родени здрави, но првите две години од нивниот живот ги поминале во болница, за да можат докторите да изнајдат начин како безбедно да ги раздвојат. Кога на родителите им било соопштено дека нема гаранција дека ќе ја преживеат операцијата, тие одбиле да ги оперираат своите синови.
Близнаците научиле да одат на 29 месеци од нивниот живот. Нивните родители изнајмиле терапевти за да ги научат секојдневните обврски, како врзување чевли, користење на тоалет и да научат како да пишуваат затоа што и двајцата биле деснаци.
Не посетувале локално училиште, бидејќи претпоставените на училиштето сметале дека тоа би било вознемирувачко за останатите ученици.
Нивното IQ било на просечно ниво, но според книгата „Психолошки профили на сијамски близнаци“, тие биле побавни поради недостаток на формална едукација.
Рони и Дони го срушиле гинисовиот рекорд за најстари близнаци во 2014 година на 63 годишна возраст. Последните 10 години од нивниот живот ги поминале страдајќи од најразлични здравствени проблеми.
Нивниот брат Џим рекол дека семејството со години живеело од нивните приходи.