Претседателот на здружението „Момент плус“, член на Европската Асоцијација за пулмонална хипертензија и неуморен борец, активистка за права на пациентите со оваа болест, Ѓурѓица Ќаева почина од последица од компликации од пулмоналнатахипертензија. Имаше 40 години и осум години се бореше со оваа тешка болест и со институциите, за сите пациенти да добијат лекови, а самата најчесто се лекуваше со донации. Не успеа да го прими лекот од последниот тендер за кој толку многу се бореше.
Пулмоналната хипертензија е многу тешка и ретка болест, еден вид на крвен притисок кој ги афектира само артериите во белите дробови и десната страна од срцето, поради што доаѓа до нивното зачепување. Станува збор за сериозно заболување кое прогресивно се влошува со тек на време и понекогаш завршува фатално. Иако пулмоналната хипертензија не е излечлива состојба, третманот кој постои ги олеснува симптомите и го подобрува квалитетот на живот. Во нашата држава, пациентите кои ја стекнале болеста како резултат на срцева слабост немаат можност да ги примаат лековите, туку само оние на кои им е вродена. Меѓу нив има и три деца. Поради тоа пациентите се принудени да си го продаваат имотот за си купат лекови. Поради немање на соодветна терапија, во последните две години починаа неколку пациенти.