Еден од најдобрите светски гитаристи Еди ван Хелен почина на 65-годишна возраст, пренесуваат светските медиуми. Според неговиот син Волф, Еди ја изгубил битката со ракот, откако бил болен и се лекувал подолг временски период.
„Не можам да верувам дека морам да го напишам ова, но мојот татко, Едвард Лодевик Ван Хален, утрово ја загуби долгата и мачна битка со ракот. Тој беше најдобриот татко што некогаш можев да го посакам. Секој момент што го споделував со него на, и надвор од сцената, беше подарок.“ – објави неговиот син музичарот Волфганг ван Хален на Твитер.
Еди ван Хелен беше прогласен за најдобар гитарист во светот. Легендарниот рокер го основа бендот „Ван Хелен“ во 1972 година и досега има издадено 12 студиски албуми.
Едвард Лодевик ван Хелен е роден на 26 јануари 1955 година. Тој е најпознат како водечки гитарист, повремен клавијатурист и ко-основач на хард рок групата „Ван Хелен“.
Тој важи за еден од најголемите гитаристи во светот и еден од највлијателните рок гитаристи на 20 век. Во 2011 година, списанието „Ролинг Стоун“ го рангираше Ван Хелен на осмото место на листата на 100 најголеми гитаристи.
Во 2012 година, тој беше избран за прв од 100-те најголеми гитаристи на сите времиња во анкетата на списанието „Guitar World“.
Еди Ван Хален зад себе има два брака, првиот со актерката Валери Бертинели со која го има синот Волфганг и вториот со неговата публицистка Џени Лизецки.