Грчката полиција потврди дека позади убиството на младата мајка Каролина Крауч (20) во предградијата на Атина во мај, стои нејзиниот сопруг, пилотот Бабис Анагностопулос (32).
Бабис со полициски хеликоптер вчера бил пренесен во Атина од островот Алонисос, каде бил на погребот на неговата сопруга Каролин Крауч, пишува Гардијан.
Анагностопулос признал сè неколку часа подоцна, објави полицијата на Твитер.
32-годишникот им рекол на истражителите дека ја убил неговата сопруга по расправијата во која таа се заканувала дека ќе го остави и ќе го однесе нивното дете.
“Се расправавме таа вечер. Во еден момент таа го фрли детето во креветчето и ми рече да излезам од куќата. Ме турна и ме удри. Ми се затемни, ја убив и потоа наместив да изгледа како грабеж “, им рекол тој на полициските истражители.
Тој претходно тврдел дека неговата сопруга е убиена од разбојници кои упаднале во нивниот дом на 11 мај во предградие северо-источно од Атина. 20-годишната Каролин Крауч била пронајдена мртва на таванот. Била задушена на креветот покрај 11-месечното девојче. Детето не е повредено.
Полицијата понудила награда од 300.000 евра за информации за злосторството. Грчкиот министер за полиција Михалис Хрисохоидис по убиството изјавил дека е шокиран од варварското злосторство.
Анагностопулос претходно тврдел дека тројца мажи упаднале во куќата, го врзале и ја убиле неговата сопруга пред да побегнат со 15.000 евра во кеш и други скапоцености.
Разбојниците го убиле и семејното куче, тврдел тој.
Полицијата не успеала да пронајде трага од разбојниците кои наводно го извршиле злосторството, пренесоа грчките медиуми.
Comments are closed.