Руската инвазија на Украина нема да биде сопрена без интервенција на НАТО, изјавил во понеделникот поранешниот командант на НАТО во Европа, генерал Весли Кларк, пренесува полскиот портал “TVP”.
Западните лидери, додал тој, треба да се сетат на судирите во Босна, каде интервенцијата на Алијансата ја спречила војната.
Кларк повикал на интервенција на НАТО во текот на он-лајн дискусијата која ја организирал Истражувачкиот центар на Атлантскиот совет за ситуацијата во Украина. Тој навел дека Русија има преголема предност во огнена моќ, а дека оружјето до Украина пристигнува пребавно и го има премалку за да се сопре Русија.
„Бидејќи не можеме да испорачаме и не можеме да толерираме пораз на Украина од Русија, гледајќи го односот на силите и фактот дека нема да испорачаме авиони и да обезбедиме противвоздушна одбрана, за што всушност ние зборуваме“, прашал Кларк.
Тој моменталната ситуација ја споредил со таа во текот на војната во поранешна Југославија и интервенцијата на НАТО, која ја натерала Србија да преговара за мир. Кларк бил еден од преговарачите за конечниот договор во Дејтон во 1995-та година, пренесува порталот.
„Дури кога Милошевиќ сфати дека дојде до крајот на тоа што може воено да го направи, почна да сака со дипломатско решение да го гарантира тоа што го има. Ми се чини дека мораме да размислуваме за незамисливото“, рекол пензионираниот американски генерал.
„Време е да се вратиме на лекциите кои ги научивме. Ајде да интервенираме, да влеземе таму и да и кажеме на Русија да ја прекине војната и да ја сопреме. Тоа не може да се спречи без интервенција на НАТО“, додал Кларк.
Другите учесници во дискусијата, меѓу кои уште еден поранешен командант на НАТО во Европа, генерал Фил Бридлав, исто така укажале на недоволната помош за Украина, пред се во противвоздушната одбрана.
Генералот Кларк бил врховен командант на сојузничките сили за Европа (САЦЕУР) од 1997-ма до 2000-та година, а во 1999-та година командувал во текот на интервенцијата на НАТО на Косово и Метохија.