Познатиот Космонаутко, Денис Јанкуловски, техничар од Одделението за микробиологија во Центар за јавно здравје Скопје на Фејсбук објави, дел од тажните страници на својот дневник.
“Од тажните страници во дневникот на Космонаутко
Земам брис. Неколку часа пред да го видам резултатот дознавам бабичката починала. Позитивна. Не дочека.
Утрото починува сопругот, вечерта сопругата. Родители на мои комшии. Позитивни двајцата.
2 дена откако го зедов брисот почина мајката на мој одличен другар, позитивна. 3 дена претходно почина и таткото.
Дознавам починал таткото на мој пријател кому неколку дена пред тоа му зедов брис, позитивен беше.
Ми кажуваат дедото почина, бабата е тешко.
6……
итн итн
Се ова што се случува во последниов период, да речам зачестено во овие 2 недели ќе личи и звучи неверојатно ама за жал е реално. Тажно. Боли за секој изгубен живот ама многу боли кога е некој што го знаеш уште од мал. Ако мене ми е болка како за познати и блиски тогаш не можам ни да замислам како им е на тие што го губат родителот. А тек па двајцата во неколку дена. А тек па во неколку часа.
Хорор.
Изминува десетиот месец како сум во овој лош филм наречен „Вештерката од којзнае каде“. И никако да разберам како може и ден денес некој да се однесува како да е ова нешто што се случува таму некаде кај `ртот Добра надеж или на вселенската станица Мир. И како да тој/таа нема или не познава роднини и пријтели кои мака мачат со вирусиштево.
И ден денес се убедуваме дали има или нема а ако веќе има тогаш дали е природен или лабораториски.
Ок, ајде вака. Прво, дали има или нема. Ајде нека биде дека не е коронава. Тогаш што е? Ако нема тогаш што е ова? Грип класичен? Лоша настинка?
Еве и јас викам дека е лабораториски. Верувам дека некоја лоша мешавина или папазјанија од вируси толку лошо измешана а веројатно и некому „случајно“ му паднала епруветата и баш тогаш „случајно“ имало некое ветре кое „случајно“ го раширило вирусот. Од еден непријател некако и ќе се браниш, двајца потешко ама можеби и оди до негде одбраната ама ако се работи за тројца, четворица збиени на едно место (читај епревуетата) тогаш борбата е многу потешка. Особено за постарите, поранливите, оние со повредени организми. А очигледно дека и помладите не се поштедени од нападите.
Еве и да заклучиме дека сепак нешто има и дека тоа некој во некоја лабораторија го направил. Зарем недознавајќи ја вистината (а верувам дека нема никогаш да дознаеме) не треба ние да го правиме она што е потребно секогаш да го правиме? Особено појачано сега?
Зарем не треба да се грижиме за своето здравје и за здравјето на другите?
Зарем не треба да бидеме внимателни и претпазливи па макар и на подолг период ако сакаме да не набројуваме како јас горе?
Зарем не треба да мислиме на сите околу нас? На младите и на старите?
Зарем не треба со нашето однесување да си речеме: Чекај бе, па јас ако не сум совесен некој од моите може да биде следен што нема никогаш повеќе да го видам?
Многу време поминува во апелирање, во дефинирање на совесноста, во потенцирање на зборот ГРИЖА. Грижата за другите преку грижата за своето здравје.
Мора да разбереме и прифатиме дека што е тука е, како и да ни дошло. Ние треба да се бориме за да го зибркаме од нашиот дома наречен Планета. А тоа можеме само ако соработуваме.
Секогаш велам дека најбитното е СИТЕ ДА СМЕ НА БРОЈ.
За жал во дневникот има и вакви ситуации на кои човек не може да е бесчувствителен. Не сакам вакви денови, признавам дека ми одземаат енергија како дополнување на неколкумесечниот умор. Но морам веднаш да ги оставам некаде подлабоко во мене и понатаму да си ги оджалам. Тоа е, таква е ситуацијата. Немам време ни да се порадувам ни да пожалам.
Затоа мора што побрзо да направиме сите заедно да нема вакви страници од дневникот, тој да биде полн само со насмевки и пријатни ситуации.
Внимавајте уште. Чувајте се зошто со тоа ги чувате и другите.
И да…Ќе биде се ок, верувам набрзо.Ваш Космонаутко“, напиша Јанкуловски.