Здравко Чолиќ веќе неколку децении ја разгорува и пали регионалната музичка сцена, а за да може да го прави тоа, мора да биде во врвна форма.
Сè уште е полн со енергија на концертите, а не му е тешко да ја има кога ќе види дека публиката секогаш го пречекува со одушевување. Пејачот веќе неколку години тренира на Кошутњак во Белград, каде прави стомачни вежби, се истегнува и брзо оди.
Покрај тоа, минатата година тој откри дека ја користи терапијата со кислород во барокомора, што е 100 отсто природен начин за намалување на воспалението, забрзување на заздравувањето на раните и оптимизирање на физичките и менталните перформанси.
Чолиќ (72) е и голем гурман, што го потврди и готвачка во познат белградски ресторан кој пејачот често го посетува.
„Тој секогаш нарачуваше домашни јадења кои беа на менито на ресторанот тој ден. Сака домашни лепињи и погачи кои ги месев. Често доаѓаше и со семејството, па дури и преку телефон нарачуваше храна и доаѓаше само да ја земе. Бидејќи тоа беше ресторан со домашна кујна, немаше модерни колачи, но правевме вистински пити, кремпити што ги правеа нашите баби, како и пити со ореви. Сето тоа многу го сакаше“, коментира таа.
За неговите јадења се вели дека се „вистинска драматургија“, бидејќи имаат вовед, кулминација и заклучок. Така почнува со аперитив, мезе, главно јадење, а најчесто тоа е риба, јаде и десерт и пие чаша од омилениот пијалак.
Она што е најважно е што Чола е секогаш умерен, па ако неколку дена по ред ужива во разни деликатеси, прави пауза, тренира и пие природни пијалаци. Неговата детоксикација се состои од свежо цедени сокови.
„Секој ден цеди по пет килограми портокали и четири килограми цвекло, вели дека тогаш и соковникот се изморува“, пренесува „Боснаинфо“.
Пејачот обожава и сарма, полнети пиперки, но и бифтек, кој често и самиот ги подготвува. Ги обожава специјалитетите од Истра, односно се храни со медитеранска храна кога е на одмор со семејството, а експертите често истакнуваат дека овој вид на исхрана е одличен за здравјето, пишува „Жена Блиц“.