Фелисити Хафман „сè уште го обработува“ животот и нејзините одлуки по скандалот со приемот на колеџ и 11-те дена што ги одлежа во затвор поради нејзината вмешаност во измамата.
Имено, актерката платила 15.000 долари на лице од компанија специјализирана за подготовка на САТ тестови за прием на американските универзитети, сѐ со цел да ги подобри резултатите на својата ќерка.
Според Page Six, на 61-годишната актерка ѝ е „тешко да одговори на прашањето како ѝ оди“, но вели дека е „добра сѐ додека нејзините деца и сопругот се добро“. Таа, исто така, истакна дека „не работела многу“ по излегувањето од затвор во октомври 2019 година и истакнува дека ABC не ја прифатила пилот епизодата од серијата во која таа требало да глуми.
„Како да умре мојот стар живот и да умрев со него“, додаде таа. Хафман глумела во пилот епизода за ABC, во која ја портретираше сопственичката на бејзбол тим од помала лига, но и тој проект е одбиен.
Актерката од „Очајни домаќинки“ беше осудена на две недели затвор откако се изјасни за виновна дека платила некому 15.000 долари за да ги подобри резултатите од испитот на нејзината ќерка Софија Грејс Мејси во 2019 година. Таа беше официјално обвинета за измама и уцена, а актерката ја отслужи казната во Федералниот затвор во Калифорнија.
Покрај тоа, ѝ беше наредено да плати казна од 30.000 долари, да отслужи 250 часа општествено корисна работа и да биде под надзор на слобода една година. Заедно со Софија Грејс, која сега има 23 години, ја има и 21-годишната Џорџија Грејс Мејси со нејзиниот познат сопруг Вилијам Х. Мејси. Софија го завршила сама приемниот испит SAT и била примена на Универзитетот Карнеги Мелон во Питсбург.
Инаку, Хафман минатиот декември го прекина молкот за бурниот период во животот на нејзиното семејство. „Луѓето претпоставуваат дека влегов во ова барајќи начин да го измамам системот и да склучувам криминални зделки, но тоа не е така“, изјави таа за ABC7.
Таа потоа објасни дека слепо го следела Вилијам „Рик“ Сингер, тренер за подготовка на колеџ, и истакна дека тој стои зад целата шема. „Тој препорачуваше програми и ментори и беше експерт. И по една година почна да кажува дека ќерка ми нема да влезе во ниту еден од факултетите што ги сака, па јас му верував“, споделила таа.
„Кога полека почна да презентира криминален план, се чинеше дека тоа е мојата единствена опција да ѝ дадам иднина на ќерка ми и се чувствував дека ќе бидам лоша мајка ако не го сторам тоа“, истакнува Хафман.
Да потсетиме, таа не беше единствената славна личност која заврши во затвор поради сличен скандал. Ѕвездата на „Фул Хаус“, Лори Лафлин, неславно беше осудена на два месеци зад решетки за лажирање на учеството на нејзината ќерка во веслачкиот тим на нејзиното средно училиште за да добие стипендија за Универзитетот во Јужна Калифорнија.
Покрај затворската казна, таа се согласила да плати парична казна од 150.000 долари и да изврши 100 часа општествено корисна работа откако се изјаснила за виновна. Нејзиниот сопруг, модниот дизајнер Мосимо Џанули, отслужил пет месеци затвор, платил казна од 250.000 долари и направил 250 часа општествено корисна работа.