Премиерот на Австралија, Скот Морисон, не ја исклучува можноста Новак Ѓоковиќ да биде вратен дома со првиот авион. Ѓоковиќ ќе треба да докаже дека медицинското ослободување од вакцинацијата против коронавирус што го добил е автентично, во спротивно нема да му биде дозволено да влезе во земјата.
Премиерот Морисон на медиумите им порачал дека најдобриот светски тенисер ќе биде третиран како и сите останати луѓе кои влегуваат во Австралија
„Ѓоковиќ кога ќе пристигне во Австралија, доколку не е вакциниран, мора да докаже дека не смее да биде вакциниран од медицински причини. Го чекаме да пристигне, тогаш ќе видиме какви докази ќе приложи. Доколку тој доказ не е доволен, нема да има поинаков третман, туку ќе биде вратен назад со првиот авион. Нема да има посебни мерки за Новак Ѓоковиќ“, порачал Морисон.
Претходно, Тениската асоцијација на Австралија и владата на државата Викторија објавија дека Ѓоковиќ немал никаков посебен третман за да добие медицинско ослободување од вакцинацијата против коронавирус, која е задолжителна за сите кои ќе настапат на Австралија опен. Официјалните лица рекоа дека Ѓоковиќ бил еден од ретките, од 26-мина, кои побарале ослободување и го добиле.
Директорот на Тениската асоцијација на Австралија, Крег Тајли, рече дека процесот на добивање медицинско ослободување е направен во две фази и дека го спровеле независни експерти, односно дека сите барања за изземање морало да ги исполнуваат условите поставени од Австралиската советодавна група за имунизација.