Светскиот рекет број 1, Србинот Новак Ѓоковиќ, излезе со реакција откако не успеа со жалбата против одлуката за укинување на австралиската виза.
-Сега ќе направам пауза за да се одморам и да закрепнам, а дополнително ќе дадам коментари подоцна. Крајно сум разочаран од одлуката што значи дека нема да можам да останам во Австралија и да се натпреварувам на Австралија опен. Но, јас ја почитувам оваа одлука и ќе соработувам со властите за моето заминување од Австралија.
Засрамен сум што последните неколку недели целото внимание беше насочено кон мене и се надевам дека сега ќе можеме да се фокусираме на натпреварите и турнирот што го сакам. Би сакал да им посакам успешен турнир на играчите, натпреварувачките работници, волонтерите и навивачите ширум светот.
И, сакам да им се заблагодарам на моето семејство, пријателите, тимот, навивачите и сонародниците за нивната постојана поддршка. Тоа ми даде многу сила, се вели во првичната реакција на Ѓоковиќ по одлуката за негова депортација од Австралија.
Инаку, Федералниот суд на Австралија утрово одлучи да го депортира светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ. Жалбата на тенисерот, на денешниот состанок на судот беше одбиена. Федералниот суд ја потврди претходната одлука на министерот за имиграција и културна разновидност на Австралија, Алекс Хоук, за одземање на визата на спортистот.