Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ за прв пат реагира на затворската казна за Борис Бекер.
Новак и Борис соработуваа од 2014 до 2016 година, а Србинот во тој период од три години освои шест од можните 12 Грен слем титули.
Новак изјави дека „срцето му е скршено“ откако Бекер бил осуден на две и пол години затвор. Германецот беше прогласен за виновен по четири точки од обвинението според Законот за несолвентност и мора да отслужи најмалку половина од казната зад решетки.
„Срцето ми е скршено поради него.Тој ми е долгогодишен пријател,тренер 3-4 години.Тој е некој што го сметам за близок во животот и некој кој многу придонел за мојот успех во кариерата.Не знам што да кажам повеќе од тоа. Како другар ми е жал за него. Само се надевам дека ќе го помине овој период во затвор и дека кога ќе излезе ќе може да се врати во нормалниот живот. Не знам дали „нормално“ е вистинскиот збор бидејќи тоа се работи што го менуваат животот. Толку долго во затвор. Се молам за него, се надевам дека работите ќе бидат добри во однос на неговото здравје, неговото ментално здравје, бидејќи тоа ќе биде најпредизвикувачкиот дел. “, објави Ѓоковиќ.
Бекер е осуден за криење на голем имот, вклучително и речиси 800.000 евра, 75.000 акции во технолошка компанија и некои од неговите најценети тениски титули, вклучително и два трофеи на Вимблдон. Бекер бил должен да го пријави целиот свој имот откако пред пет години банкротирал.
По стечајот во 2017 година, шесткратниот победник на Грен слем турнирот ја предаде бурмата, но ја сокри сопственоста на куќа вредна 1,5 милиони евра во Германија, заем од 750.000 евра што го добил од банка во Лихтенштајн и акции во една од фирмите.