Неколку десетици вработени во модната куќа „Гучи“ во Рим излегоа на штрајк поради одлуката на компанијата да го премести секторот за дизајн од главниот град на Италија во Милано.
Одлуката, која компанијата им ја соопшти на синдикатите во октомври, повлекува преместување на 153 од 219-те вработени во Милано, кое е оддалечено речиси 500 километри, пренесува Ројтерс.
Од Синдикатот ЦГИЛ наведуваат дека вистинската цел на одлуката е отпуштање на кадарот.
– Преселбата не вклучува никакви намалувања на бројот на вработени – изјави портпаролот на Гучи.
По заминувањето на креативниот директор Алесандро Микеле во 2022 година, сопственикот на Гучи „Керинг“ го смени менаџментот на модната куќа.