Авганистанци кои избегаа од хаосот откако талибанците го зазедоа Кабул во август, сега се најдоа во Украина каде повторно се наоѓаат „фатени“ во нова војна.
„Ситуацијата во Авганистан кога талибанците ја презедоа власта беше подобра од она што го гледам овде во Украина. Сега повторно бегаме, но овој пат во непозната судбина“, изјавил за Би-Би-Си, Хајдар Седиќи, 36-годишен поранешен авганистански војник.
Седиќи рече дека се разбудил на утринската молитва во четвртокот кога се случил хаос.
„Тоа беше на вестите. Луѓето почнаа да викаат се додека обезбедувањето во кампот не ни ја отвори вратата и ни рече да бегаме“.
Тие пешачеле повеќе од 75 километри и стигнале до северниот град Чернихив, кој сега е зона на конфликт. Седиќи се обидува да стигне до западната граница на Украина за да избега.
Фазила Хајдари и нејзината помлада сестра биле стјуардеси во Авганистан. Тие завршиле во Лавов, во западна Украина, откако побегнале од талибанците. Во Украина чекале да бидат преместени во трета земја. Очајнички барале помош, контактирале со сите што ги познавале…
„Мислевме дека ќе биде безбедно овде, но погледнете ја ситуацијата. Се јавив во УНХЦР и други организации, но никој не одговара на нашите повици. Бев среќна што ги преживеав талибанците, но сега се прашувам дали заминувањето од Кабул е вистинската одлука бидејќи јас сум сега среде нова војна“, рече Фазила.
Фото: Си-Ен-Ен