Поранешниот кошаркар на Партизан и на Минесота тимбервулвс, Никола Пековиќ, се наоѓа во тешка состојба откако заболел од коронавирус, објавија српските медиуми.
Долгогодишниот црногорски репрезентативец е заразен од коронавирус, примен во болницата во Подгорица уште пред петнаесетина дена, но состојбата во меѓувреме му се влошила и од неодамна бил приклучен на респиратор. Според овие информации Пековиќ се бори за живот, но од болницата не откриваат повеќе детали за неговата состојба.
Никола Пековиќ има 34 години, а по завршувањето на играчката кариера извесно време беше претседател на Партизан. Од почетокот на годинава тој ја извршува функцијата тим-менаџер во кошаркарската репрезентација на Црна Гора.