Секретарот на Советот за национална безбедност на Украина Олексеј Данилов изјави дека Унгарија знаела за подготовката на нападот врз Украина. Сепак, Унгарија ги отфрли овие наводи.
„Унгарија отворено ја покажува својата соработка со Руската Федерација. Згора на тоа, Путин однапред предупреди дека ќе има напади врз нашата земја“, рече Данилов.
Според него, Унгарија имала планови за дел од територијата на Украина, пренесува „UkraineToday“.
„Поради некоја причина таа веруваше дека ќе може да земе дел од територијата. Ова никогаш нема да се случи. Па, ќе видиме какви ќе бидат последиците за оваа земја по оваа војна“, нагласи тој.
Претходно беше објавено дека Унгарија повторно се заканува дека ќе го блокира ембаргото за нафта против Руската Федерација.
Реакција на унгарските власти
Унгарија набрзо ги демантираше овие медиумски написи. Портпаролот на унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека тоа се лажни информации и негираше дека Будимпешта има намера да ја анектира Закарпатија, каде живеат околу 140.000 етнички Унгарци.
„Золтан Ковач на Твитер напиша дека Украина се одмаздува за ваквите обвинувања бидејќи Унгарија не сакала да и прати оружје“, пишува Еуроњуз.