Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер вчера им додели медали за заслуги на сопствениците на „Бионтек“, Озлем Туречи и Угур Сахин. Тој повика на поголема хармонија и одлучност во борбата против пандемијата, а Сахин предупреди дека борбата против мутираните вируси може да биде уште потешка.
„Сега, во сенка на третиот пандемски бран, не е време за резигнација и самосожалување“, рече Штајнмаер, алудирајќи на социјалната дебата за неуспесите во борбата против пандемијата во Германија.
„Секако, направени се грешки што треба да ги разгледаме, но ние поминуваме премногу време во потрага по дежурните виновници“, рече германскиот претседател.
Според него, во моментов помага само една работа – да се вакцинира што е можно повеќе и со сите средства што стојат на располагање.
Штајнмаер на сопствениците на „Бионтек“ им додели Голем федерален медал за заслуги и достигнувања во борбата против пандемијата.
Компанијата „Бионтек“ од Мајнц, предводена од двајца научници од турско потекло, кои се пар во приватен живот, ја произведе првата вакцина против коронавирус што беше прифатена во Европската унија.
„Вашето пионерско откритие спасува човечки животи, егзистенција и го обезбедува нашиот економски, културен и социјален опстанок“, рече Штајнмаер.
Угур Сахин ги повика Германците да не се предаваат во борбата против пандемијата.
„Секој поединец може да придонесе што е можно поуспешно да се потисне третиот бран“, рече Сахин. Тој предупреди дека следната фаза, поради мутирани варијанти на вирусот, кои е потешко да се контролираат, ќе бара повеќе сили за справување од претходните.
„Мора да собереме сили и да не бидеме деморализирани од овој трет бран, кој очигледно ќе трае подолго од претходните“, рече Сахин на доделувањето на наградите во Претседателската палата во Берлин.