Претседателката на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) во Србија, Оливера Зекиќ, на својот Телеграм канал објави фотографија на која е во нацистичка униформа.
„Го направив тоа од чиста провокација. Како што знаете, сакам да провоцирам. Можев да објавам некои карикатури од Коракс и Петричиќ, кои се многу полоши. Тоа е фотомонтажа од Твитер и јас ја објавив“, изјави Зекиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Додала дека не се занимавала со тоа за кој тип на униформа станува збор.
„Некој друг го направи тоа пред неколку години на Твитер“, истакнала таа.
РЕМ е функционално и финансиски независен од државни органи и организации, даватели на медиумски услуги и оператори. Регулаторот е одговорен пред Парламентот на Србија за извршување на задачите во неговата надлежност.
Работата на РЕМ предводена од Оливера Зекиќ беше цел на критики од меѓународните институции.
За време на неодамнешното усвојување на збир на закони за медиуми, Европската комисија (ЕК), меѓу другото, објави дека очекува медиумскиот регулатор РЕМ „да започне целосно да го исполнува својот мандат“.