Шест девојчиња загинаа, а две лица се повредени во судир на два автомобили на меѓудржавен пат во Тенеси, САД, соопштија локалните служби. Како што јавува Си-Ен-Ен, несреќата се случила во неделата рано наутро по локално време.
Телата на шест девојчиња се пронајдени на местото на несреќата. Според првите информации тие биле на возраст од 1 до 18 години. Сите биле до превртеното возило од кое најверојатно од силината на ударот испаднале.
Жена, за која се верува дека исто така паднала од истиот автомобил, била пронајдена во критична состојба. На местото на несреќата ѝ била укажана лекарска помош, пред да биде пренесена во локалната болница, велат официјални претставници.
Уште еден маж е повреден и исто така е пренесен во болница. Возачот на другиот автомобил кој учествувал во несреќата, не е повреден. Жртвите сè уште не се идентификувани и не се знае дали се во роднинска врска, а причината за несреќата сè уште не е соопштена.