Хауард Гвин, обвинител во американскиот град Њупорт Њуз, изјави дека е малку веројатно дека шестгодишното момче кое пукаше во својата учителка во основно училиште ќе биде обвинето.
Сепак, се уште не е донесена одлука дали ќе биде поднесена кривична пријава против некое полнолетно лице.
На 6 јануари, ученик донел пиштол во ранец и ја застрелал 25-годишната учителка Абигејл Цвернер во раката и градите, но таа го преживеала нападот. Гвин смета дека започнувањето на судски процес би било „проблематично“ бидејќи момчето е премладо за да го разбере правниот систем, пишува Би-Би-Си.
„Нашата цел не е само да направиме нешто што е можно побрзо. Кога ќе ги анализираме сите факти, ќе обвиниме секое лице или лица за кои веруваме дека можеме да докажеме без разумно сомневање дека извршиле кривично дело“, рече Гвин.
Во одвоено интервју за локалниот ABC News, тој нагласил дека генералниот консензус меѓу американските правни експерти е дека шестгодишно дете „не може да ја формира потребната криминална намера за да биде виновен за тежок напад“.
Цвернер ја тужеше училишната област поради нападот, за кој полицијата вели дека се случил по „расправија“ со прваче. Оружјето било легално купено и било на мајката на детето, соопшти полицијата набрзо по настанот.