Брендот Shell (Шел) влегува на македонскиот пазар, при што една од неколкуте бензински станици кои треба да се изградат во земјава веќе е во завршна фаза во изградба, а се наоѓа на новата делница од автопатот Демир Капија – Смоквица, пренесува Фактор.
Брендот во земјава влегува впрочем преку Бест веј оил (Best way oil), компанија која веќе има три бензински станици во земјава – две во Гевгелија односно Смоквица и една во скопска Пинтија. На интернет страницата на Бест веј оил веќе стои дека наскоро ќе бидат отворени бензиски пумпи на нови локации кои ќе работат под брендот Best way oil, Shell coral A.E.
Компанијата Бест веј оил е дел од Бест веј инвестмент групацијата (BWI) зад која стои бизнисменот Сашо Мијалков. Во портфолиото на Бест веј инвестмент освен Бест веј оил се и Девелоп груп, хотел Мериот, Max Bet, ОМ петрол, Поинт оил транспорт, Боречки клуб Јордан Мијалков.
Инаку Coral е грчка компанија која има 760 пумпи кои оперираат под брендот Shell во Грција. Компанијата оперира и во Кипар, а од 2018 година е присутна и во Србија односно има бензинска пумпа Shell во Белград.