Амбасадата на Шведска во земјава и Шведскиот институт во соработка со две основни училишта во Скопје преку колаборативна изложба го прославија 75-от роденден на Пипи Долгиот Чорап.
Како што соопшти Шведската амбасада, во текот на месец март, април и мај, учениците од трето до седмо одделение од училиштара „Киро Глигоров” во Центар и „Живко Брајковски” во Бутел изработува цртежи инспирирани од Пипи Долгиот чорап.
– Вкупно беа изработени околу 170 цртежи од кои 20 станаа дел од изложбата што ја подготви Амбасадата и Шведскиот институт, а најдобрите три од секое училиште беа наградени со комплет книги од Астрид Линдгрен. На сите ученици кои учествуваа им беа доделени пофалници за нивната креативност и уметничка умешност, како и пакетче оригинални шведски бонбони, се вели во соопштението.
Авторството на шведската писателка Астрид Линдгрен се заснова на пристапот да им се дозволи на децата да заземат простор во светот во кој инаку доминираат возрасните. Пипи претставува пример за многу млади девојки и момчиња, главно затоа што има неограничена слобода, а што ги привлекува децата. Пипи е самоуверена и не одговара на патријархалните општествени норми за она што се очекува од девојчињата. Таа е силна, се осмелува да го каже своето мислење пред возрасните и да им ги престави своите идеи на другите деца.
– Во 2020 година Пипи „наполни” 75 години. Истата година светот се соочи со пандемија на вирусот Ковид-19. И додека светот се бори да ја сузбие пандемијата, просторот во кој децата можат безгрижно да растат значително се стесни. За децата домот стана и училница, а дружбите значително се намалија. „Ќе ти кажам дека е опасно да молчиш премногу долго. Јазикот венее ако не се користи” – вели Пипи, се наведува во соопштението.