Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека на денешната седница на Владата беа усвоени иницијативите за заштита на две подрачја во нашата држава: Шар Планина и Осоговските Планини.
„Владата донесе одлуки за прифатливост на предлозите на МЖСПП за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел.
Согласно законската процедура за прогласување заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни, и по усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации“, соопшти Министерството.
Инаку, Шар Планина ќе биде четврти национален парк во Македонија, по Пелистер, Маврово и Галичица, која последна доби заштитен статус во 1958 година.