Холивудската ѕвезда Шарлиз Терон проживеала пекол во детството поради насилниот татко алкохоличар
Една од најпознатите актерки во Холивуд имала трауматично детство поради нејзиниот татко Чарлс кој постојано ја малтретирал нејзината мајка Герда.
Шарлиз Терон како дете била сведок на брутално семејно насилство кое се одвивало во нејзиниот дом во Јужна Африка.
Кога имала 15 г. за време на една насилна семејна кавга, нејзината мајка во самоодбрана пукала во нејзиниот татко и го убила.
За овој потресен настан, холивудската актерка отворено проговори со желба да ги исфрли бесот и стравот што ги чувствувала со години.
-Деновите со зависник се непредвидливи и таа неизвесност се всадува во вашиот организам до крајот на животот, и влијае повеќе од самиот настан што се случи таа ноќ. Јас и мајка ми бевме во спалната соба потпрени на вратата, додека тој ја туркаше. Двете бевме потпрени на вратата за да не влезе. Направи чекор наназад и трипати пукаше во вратата. За чудо, ниту еден куршум не нè погоди. Но, мајка ми во самоодбрана пукаше во него. Ја заврши агонијата – призна актерката за Американското национално јавно радио.
Шарлиз во една прилика го опиша нејзиниот татко како многу болен човек и изјави дека ситуацијата со него била безнадежна. Актерката со години е учесник и иницијатор на бројни кампањи против семејното насилство и насилството врз жените. Таа заедно со други јавни личности се посвети на оваа многу важна и болна тема.