Хрватската тренерска легенда Мирослав Чиро Блажевиќ почина на 87-годишна возраст по долга борба со ракот. Во интервју дадено за тогашниот дневен весник “Вест“ тој тогаш неможеше да прежали што во 2009 година кога беше назначен Мирсад Јонуз, не беше поставен за селектор на Македонија.
Неговото име за водач на македонскиот национален тим се споменуваше и во 2005 година, пред да биде наименуван Слободан Сантрач. Наводно тогаш тој беше прескап за луѓето од ФФМ.
– Се сеќавам, вашиот тогашен претседател на Федерацијата (Хари Хаџи -Ристески н.з.) беше упорен за селектор да постави Македонец и ме одби. Можеш да замислиш, го одби Ќиро со целиот свој авторитет и со сите успеси што стојат зад него за некојси тренер кој морал да биде од Македонија. Неверојатно! – се вжешти тогаш Чиро.
– Па и во мене тече македонска крв! Дедо ми е Македонец со потекло од Тетово. А ако тогаш бев поставен за ваш селектор сигурно ќе бевме први во квалификациската група и ќе игравме на завршницата на Европското првенство во Полска и Украина. Лесно ќе бевме први во групата и сега ќе го величавте Чиро. Верувај ми, пред тој разговор со вашиот претседател секогаш кога играше Македонија ја гледав како своја репрезентација и навивав за неа, но откако ме одби, повеќе не е така – рече тогаш “тренерот на сите тренери” како што го нарекуваат во Хрватска.