Ден Бутнер со години ги проучувал местата во кои луѓето живеат најдолго, а една работа е заедничка за сите – присуството на вода.
По 20 години интервјуирање на стогодишници и посета на „сините зони“, области во светот во кои луѓето живеат најдолго, Ден Бутнер научил нешто што не го очекувал.
„Кога ги земате податоците за среќата низ светот и контролирате сè друго, ќе откриете дека луѓето кои живеат во близина на вода се посреќни од другите“, вели тој.
Всушност, четири од петте „сини зони“ – Окинава, Јапонија; Сардинија, Италија; Икарија, Грција; Никоја, Костарика – се на вода. Иако постојат различни теории зошто е тоа така, крајниот резултат е јасен.
„Тоа може да биде смирувачкиот ефект на водата, или може да биде дека климата е умерена поради водата“, вели Бутнер. „Но, се чини дека тоа нè прави посреќни“.
Среќата не е единствената позитивна „нуспојава“ од живеењето покрај вода. Еден систематски преглед од 2017 година објавен во „BMJ Open“ покажал дека поминувањето време во близина на брегови, езера или реки може „да го поттикне здравјето и благосостојбата и да ги спречи болестите“.
Бутнер живее во Мајами Бич и вели дека географијата игра голема улога во неговата благосостојба, но дека „не е толку во прашање водата сама по себе“. Наместо тоа, тој вели дека примамливата локација и временските прилики му помогнале да води здрав начин на живот.
„Во моментов, гледам во океанот, каде што пливам секој ден, и плажата по која одам секој ден. Намерно одбрав место на кое е многу лесно и примамливо да се остварува физичка активност во текот на целата година, а да не се трудам“, вели тој за „Make It“.
Неговата цел е секојдневно движење правејќи активности во кои ужива, вклучително сурфање или вежбање со низок интензитет како одење.
„Клучот не е интензивната физичка активност – „без мака нема добивка“. Вистината е тотално спротивното. Кога нема мака, има добивка, бидејќи кога нема мака голема е веројатноста дека тоа ќе го правите секој ден“, вели Бутнер.