Вкупниот број лица со корона вирус синоќа се искачи на 76, откако беа дијагностицирани уште шестмина позитивни на вирусoт, соопшти Министерот за здравство, Венко Филипче.
„ Дијагностицирани се 6 лица позитивни на корона вирус. Со ова, вкупната бројка на регистрирани пациенти позитивни на корона вирус во земјата е 76“, напиша министерот Филипче на неговиот Фејсбук профил.
Два случаи се сопружници од Кавадарци, а од тој град се тестира и уште едно лице. Заразата досега е регистрирана и во Скопје, Дебар, Гостивар, Охрид и Штип.
Инаку, четворица се на кислородна поддршка, информираше во емисијата „360 степени“ на телевизијата Алсат-М докторката Катерина Спасовска, од Клиниката за инфективни болести во Скопје.
„Станува збор за пациенти со потешка клиничка слика, каде има и белодробен наод, во смисла на воспаление на белите дробови. Тие можат и сами да дишат, но има параметри преку кои тоа се мери, и преку мониторите и преку лабораториските анализи, преку кои се проценува дали и колку кислородна поддршка им треба“, објасни доктор Спасовска.