Четири лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа што синоќа се случила на обиколницата на Град Скопје, помеѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци, откако камион со косовски таблички преминал во спротивната насока и директно се судрил со автомобил „БМВ“.
Според информациите од МВР, несреќата била пријавена синоќа во 23 часот. Трагедијата се случила на потегот помеѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци.
„Б.Б.(76) од Косово, управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.В.(51) од Скопје“, велат од МВР за „Скопје1“.
По судирот избувнал пожар во двете возила.
„Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје“, додаваат од полицијата.
На местото на несреќата починале возачот на автомобилот Р.В.(51), како и сопатниците А.В.(20) и П.М.(20) од Скопје. Загинало и уште едно лице чиј идентитет засега не е утврден.
„Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција“, информираат од МВР.
