Зоран Михајлов
Едно од водечките места во македонската атлетика секако го зазема познатиот спринтер од 50-тите години од минатиот век а потоа и професор на Факултетот за физичка култура во Скопје – Чедо Шаревски. Тој беше првиот Македонец кој ја истрча најкусата делница од 100 метри за, во тој период за многумина спринтери недостижни, 11 секунди. Токму поради својата брзина, подоцна многумина знаеја во шега да кажат, што беше и вистина – дека Чедо е најбрзиот меѓу професорите .
Се сеќавам, кога и јас зачекорив во АК Работнички, Шаревски веќе ја имаше завршено својата кариера, а бидејќи со висок просек дипломираше на тогашниот ДИФ во 1961 година (Факултет за физичка култура), од Управата на Работнички беше наименуван за тренер – не само на спринтерите, туку на сите атлетичари. Како тренер и како човек беше многу интерсен и харизматичен. Кога се тренираше знаеше да биде строг и сериозен. Истото го бараше и од своите атлетичари, зашто знаеше оти само така, со максимално залагање на тренинзите, може да се постигнат врвни резултати и да се уриваат рекордите.
Како човек, пак, беше многу духовит, па во најтешките мигови кога како што се вели ни беше „стемнето“ од претрчаните километри, знаеше во шега да каже – ова не е ништо: Миха (мислеше на Фрањо Михалиќ, најдобриот југословенски долгопругаш, кој беше втор на олиписката маратонска трка во Мелбурн 1956 година) знае да претрча и по 30 километри на еден тренинг, па ништо не му фали. Ние немавме одговор, едноставно ќе ги наведневме главите и знаевме дека до титулата секој во својата дисциплина доаѓа само со работа и неуморен тренинг. Впрочем затоа бевме тука, да тренираме и да постигнеме што подобри резултати.
Колку да сакаше да „глуми“ дека кон сите има еднаков пристап, сепак се чувствуваше дека спринтерите му се најомилени. Тоа беше и логично, зашто спринтот беше негова дисциплина и тука можеше да пренесе најмногу од своето тркачко искуство. За негова среќа во тоа време се појавија и двајца одлични спринтери – Ратко Жунгулов и Миле Младеновиќ, па така никој не можеше да му забележи зошто тие имаат навидум привилегиран статус. Можеби и не беше така, но ние другите, кои настапувавме на подолгите патеки барем така си мислевме.
Но, потоа дојде еден период (особено по појавата на Елица Змејкова која тогаш беше првата македонска атлетска звезда) во кој Шаревски се посвети и на тркачите на средни и долги патеки. Интересно е да се каже дека дотогаш, како тренер работеше и Славко Матовски, кој полека ја напушташе позицијата за целосно да му се посвети на ракометот. Матовски не го споменувам случајно, зашто малкумина знаат дека тој беше меѓу првите македонски атлетичари, а истовремено беше и тренер на тркачите на долги патеки меѓу кои најквалитетен беше Љубиша Трбоевски. Откако Матовски замина сиот товар падна на плеќите на Чедо Шаревски, кој пак со сиот жар го прифати предизвикот и почна да создава шампиони.
-Беше добар професор и голем тренер, вели Елица Змејкова, која со негова стручна помош стигна и до државната репрезентација и до титулата -југословенска првенка во крос. Знаеше некогаш и да подзадоцни на тренинг, но ние не му се лутевме. Знаевме дека има големи обврски во училиште, а нас не тренираше од љубов кон атлетиката, без за тоа да добива некаков хонорар. Тоа беше такво време, ентузијазмот беше тој што не „влечеше“ и не ни дозволуваше така лесно да се откажеме од нашата спортска љубов – атлетиката.
Чедо Шаревски навистина знаеше да ги анимира и момчињата и девојките, па се случуваше понекогаш од Средното училиште и по 30-тина и повеќе ученици да ги бранат боите на Работнички. Тоа на ривалите, нормално не им одговараше, па често се лутеа и реагираа. Најжестоки беа вардарците, кои токму поради масовноста кај Работнички, кој имаше претставници во сите дисциплини, редовно ги губеа екипните првенства. Тие често знаеја да кажат дека ја злоупотребува професорската позиција, па учениците сакале или не, за да добијат позитивна оценка, доаѓаа да се натпреваруваат и да настапуваат за АК Работнички. Меѓутоа, ривалите немаа право, зашто тоа не беа туку така собрани ученици. Напротив, тие во рамките од наставата по атлетика минуваа низ селективниот процес и така стигнуваа до дресот на клубот. Ништо не беше случајно, сето тоа беше добро и стручно смислено од Чедо Шаревски. Впрочем, од тие ученици, за кои противниците велеа дека се натпреваруваат од страв заради оценката, подоцна се изродија многу поединечни прваци и рекордери на Македонија.
-Шаревски беше човек со визија, вели еден од неговите атлетичари, поранешниот спринтер Жунгулов, кој исто така во тоа време делницата од 100 метри ја претрча за 11 секунди и го израмни рекордот на својот тренер. Тој добро знаеше што е потребно за да се подигне квалитетот на секој атлетичар, а прецизно можеше да оцени кому која дисциплина му одговара. Тука немаше киксови и по препорака на Чедо секој ќе си го најдеше своето место. Токму поради неговата стручност и квалитет како тренер АК Работнички во тој период редовно учествуваше во завршните натпревари од екипните шампионати на Југославија во кои противници ни беа Црвена звезда, Партизан (тогаш беше најсилен), Кладивар од Цеље, Железничар од Сараево, потоа истоимените клубови од Карловац и од Ниш, Спартак од Суботица, Војводина од Нови Сад, Сомбор и љубљанска Олимпија. Во овие клубови беше сконцентриран југословенскиот атлетски крем и тие секогаш водеа главна битка за екипната и за поединечните титули. Од нив произлегуваа и најмногу репрезентативци на Југославија.
Чедо Шаревски имаше и организаторски способности. Тој собра околу себе еден тим кој обезбедуваше нормални услови за работа на клубот. За него едноставно не постоеше зборот – не можам, дури и она што се чинеше дека е најтешко и невозможно можеше да се совлада.
– Работнички минувајќи низ сите премрежија и тешкотии секогаш опстојуваше и го продолжуваше своето живеење. Така е и денеска, Работнички е еден од најдобрите атлетски клубови во Македонија, а голема заслуга за тоа има нашиот професор и тренер Чедо Шаревски, вели еден од неговите атлетичари Томче Андоновски. Тој беше човек што ги постави темелите на клубот, а нам на атлетичарите ни покажа како да чекориме по вистинскиот пат за да станеме врвни не само во спортот со кој се занимаваме, туку и корисни личности во општеството. Низ неговите раце минаа многу атлетски шампиони и рекордери, кои подоцна станаа професори, магистри и доктори во своите струки. Токму поради своето визионерство ликот на Шаревски никогаш нема да избледнее кај неговите атлетичари. Тој е човек кој зад себе остави едно богато дело кое не само во минатото, туку и денеска е патоказ за многуте атлетски генерации во Македонија. Единствено, кај оние постарите приврзеници на „кралицата на спортовите“ е присутна тагата, за сегашниот неповолен тренд во атлетскиот спорт кај нас, кој своевремено беше наша гордост. Имавме шампиони и репрезентативци со кои се гордеевме. Денеска, за жал, не е така. Ќе треба да чекаме да се роди некој нов Чедо или пак некој сличен на него, па атлетиката повторно да зачекори напред.
РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ И РЕКОРДЕР
Чедо Шаревски кариерата ја почна во 1951 година, а веќе следната година за прв пат истрча 100 метри за 11,5 секунди. Во 1953 година го постигна својот најдобар резултат од 11,0 секунди, што претставуваше македонски младински и сениорски рекорд. Овој резултат беше подобрен дури 15 години подоцна. Инаку, Шаревски делницата од 100 метри ја истрча за рекордно време на шампионатот на Југославија во Скопје, кога во конкуренција на постари младинци ја освои и титулата. На истото првенство со 23,2 секунди беше втор на 200 метри. Овие резултати му ја отворија вратата на младинската репрезентација на Југославија за која настапи на двомечот со Грција во Нови Сад во 1953 година.
Шаревски беше повеќекратен првак на Македонија, а меѓу поголемите успеси му се смета победата на првенството на Македонија над прославениот атлетичар Лазо Милошевски, кој беше сениорски репрезентативец и учесник на Европското првенство во Брисел.
ПРОСЛАВА ВО „ВАНИЛА“
Чедо по освоените титули, заедно со браќата Димитрови од Дебар Маало, кои исто така беа големи ентузијасти и атлетичари на Работнички, по секој екипен триумф во првенствата на Македонија со целата екипа заминуваше на честење во слаткарницата „Ванила“, во близина на плоштадот. Низ смеа и прераскажување на доживеаното од атлетските борилишта се јадеа еклери и се пиеше боза. Тоа беше „најслатката“ награда за триумфот.
Лична карта – Чедо Шаревски
Роден 1933 година во село Леуново, Гостиварско
Почина 1995 во Скопје
Кариера: АК Работнички и репрезентацијата на Југославија
Успеси: Младински првак на Југославија на 100 метри, втор на 200 метри и младински и сениорски рекордер на Македонија на 100 метри
Тренерска кариера: Повеќекратен шампион на Македонија со АК Работнички, тренер на повеќе тогашни југословенски репрезентативци и македонски рекордери