Околу 400 смртни случаи месечно од коронавирус се предвидувањата за Македонија за следниот период, на американскиот институт IHME, црн биланс кој земјата ја бележи севкупно досега од почетокот на епидемијата во март.
Според прогнозите на страната Institute for health metrics and evaluation за Македонија, до први ноември бројот на смртни случаи од Covid-19 во земјава ќе изнесува 1.629.
Во октомври на дневна основа се прогнозираат во просек над 20 смртни случаи.
Ваквите податоци се добиени по анализа на досегашните случувања со коронавирусот во земјава и дневниот биланс на заболени и починати лица.
Од почеток на епидемијата со коронавирусот во земјава починати се вкупно 422 лица. Бројот на заболени надмина 9.000 лица, со што прогнозите на министерот за здравство Венко Филипче дека во земјава бројот на случаи позитивни на вирусот нема да биде поголем од 2.000 до 2.5000, се покажаа погрешни.
Ваквите анализи и прогнози покажуваат дека Македонија во следниот период ќе се соочи со зголемен број смртни случаи, односно на месечно ниво се прогнозираат смртни случаи од вирусот колку што досега, за период од пет месеци, има во земјата.
А Македонија и натаму е водечка во региoнот според показателите за новозаразени и починати од коронавирусот, во споредба со сите земји во регионот. На црната статистика која мери индекс на заразени и смртност на милион жители од коронавирус, земјата е на челната позиција, со најголема стапка на смртност во регионот.