Зголемена е потрошувачката на кислород во градската болница „8-ми Септември“ во Скопје, којашто стана централно место за хоспитализирање и прием на заразени пациенти од Ковид-19 објави Tелма.
-Имаме многу пациенти. На секои 5-6 дена доаѓа цистерна кислород која се преточува во централниот систем, но и во боците кои се употребуваат за згрижување на болните. Имаме седумдесет места за кислородна поддршка преку централниот систем. Доколку има потреба за останатите пациенти на кои им е нужно да примаат кислород користиме боци со кислород. Последните два месеци сите тие 70 места на централниот систем се зафатени со пациенти болни од Ковид 19 кои поради тешката состојба мора да се приклучени на кислородна поддршка. Затоа трошиме многу кислород, – истакнаl директорот на ГОБ 8-ми септември Христијан Костов.
Во моментот во болницата има 140 пациенти. На дваесетина пациенти е користена и озонска терапија која им помогнала.
Секој ден, според Костов, има по 6-7 пациенти кои се отпуштаат од болница или поради подобрување на состојбата или поради негативни тестови.
Лекарите и медицинските сестри добија наградни ваучери, но владината уредба која предвидува награда само за лица со завршено медицинско образование да бидат наградени, остави многу од помошниот персонал без награда за учество во долгата битка со корона вирусот. Меѓу ненаградените во „8-ми Септември“ се и оние што го преточуваат кислородот од цистерните потребен на пациентите. Во болницата има голема логистичка служба, кујна, перална, болничари кои работат и расчистуваат во делот со болните пациенти- но останале без ваучери.