Одењето на солариум можеби е брз и лесен пат до потемнет тен, но мајката на три деца, Ники Муртаг (37) од Лондон никогаш повеќе нема на тој начин да ја промени бојата на кожата.
Ники одела во козметички салони и солариуми од својата 20-та година и со текот на времето станала зависна од тоа.
Повеќе од 10 години се сончала во солариум барем двапати неделно, но во 2016 година сфатила дека прави нешто погрешно, бидејќи на главата ѝ се појавила грутка.
Го посетила својот општ лекар и двата пати, тврди, ѝ било кажано дека тоа е „само козметички проблем“, односно циста.
Сепак, ситуацијата не се подобрила и две години подоцна грутката почнала да расте. Тогаш Ники решила да оди кај дерматолог кој при првиот преглед ѝ рекол дека има рак на кожата кој може да ја чини живот. Направена е и биопсија која ја потврдила тешката дијагноза.
„Работам во болницата „Ројал Марсден“ и сум видела многу случаи на рак, но повторно се ужаснувам секогаш кога ќе слушнам таква дијагноза. Не се осмелив да им кажам на моите деца дека јас самата ја имам оваа дијагноза, бидејќи бев свесна дека ќе им биде многу тешко да го прифатат тоа“, раскажува Ники.
Таа била оперирана, а потоа ѝ била направена и пластична операција. Иако сега е здрава и надвор од животна опасност, ќе ѝ остане трајна празнина меѓу прамените со коса на тоа место.
Затоа Ники направила ТикТок профил, на кој го споделила своето лошо искуство и дели совети за рак на кожата, за да ги потсети луѓето колку треба да водат сметка за своето здравје.
„Не ми се допаѓа како изгледам сега, но ова се мои лузни од борбата и потсетник на она низ што поминав“, вели таа.
„Ќе направам сè што можам за да им помогнам на луѓето што имаат рак на кожата“.