Хрватски студенти демолираа хотел во Охрид во Македонија, потврдија од хотелот за 24sata.hr. Рекоа дека со нив имало и српски студенти, но тие биле мирни, додека Хрватите агресивни.
Од хотелот велат дека се многу изненадени. Посочуваат дека имаат големи групи ученици кои доаѓаат да се дружат овде и дека никогаш до сега немало проблем.
„Имаше ученици од Загреб и од Србија. Но, учениците од Загреб беа агресивни. Сето тоа се случи минатата недела. Разбираме дека тоа се млади луѓе, но мора да се преземат мерки“, изјави менаџерот на хотелот за 24sata.hr и додаде дека не ја запалиле просторијата, туку го уништиле инвентарот.
На видеото кое го објавија хрватските медиуми може да се види уништениот хотелски инвентар, скршени стакла, пивски шишиња на покривот, тоалет кој изгледа како да е запален…
Наводно, учениците палеле факели во соби и ходници.
„Имавме обезбедување кое ја смири ситуацијата, па полицијата не интервенираше. Хотелот функционира нормално, дојдоа нови групи ученици. Се надеваме дека тоа нема да се повтори“, додаваат од хотелот.