Хрватскиот градоначалник Тони Турчинов со службена картичка потрошил 1.500 евра на проститутки во австриски бордел, објави Телеграм.хр.
Градоначалникот на општината Муртер, од истоимениот хрватски остров, во средината на април 2019 година, во периодот меѓу 1:37 и 3:38 часот, утрото, ја искористил платежната картичка во три наврати. Двапати потрошил 600 евра, а третиот пат 360.
Вкупно потрошил 1.560 евра, пари на даночните обврзници, пренесоа медиумите.
Клубот во меѓувреме е затворен, но порталот пишува дека додека работел, нудел „еротско искуство“ со нон-стоп шоу-програма, а гостите можеле да бираат од 10 до 15 девојки за интимно дружење.
Градоначалникот, по неколку обиди на новинарите да добијат објаснување за потрошените општински пари, изјавил дека направил грешка, односно дека ги помешал службената и приватната картичка, кои биле од иста банка.
„Мојата приватна и службена картичка се од иста банка и во тие вечерни часови дошло до грешка, поради која им се извинувам на моите мештани“, изјавил Турчинов кој во меѓувреме поднел оставка.