Вчера во градот Виченца во Италија е убиена Лидија Миљковиќ (42) со српско потекло. Убиството се случило во населбата Гоња, пренесува италијански RAI News.
Убиена е со огнено оружје во улицата Виголо, од нејзиниот поранешен партнер Златан Васиљевиќ (44), исто така од Србија. По убиството тој побегнал, но автомобилот му бил пронајден попладнето, а полицијата во него пронашла две тела.
Имено, Васиљевиќ ја застрелал својата сегашна партнерка, Венецуелка која била со него во автомобилот, а потоа извршил самоубиство. Во неговиот автомобил биле пронајдени и експлозиви, па специјалните единици дошле да ги отстранат.
Инаку, Лидија Миљковиќ ги однела своите две деца до училиште и отишла на работа во хотелот каде работи како собарка, а според полицијата била во автомобилот додека се подготвувала да замине, кога и пришол убиецот и ја застрелал.
Таа потоа истрчала од автомобилот и се обидела да побегне, но тој испукал уште неколку истрели и таа останала да лежи мртва.