Во домот на познатиот британски актер Бенедикт Камбербач упаднал готвач кој замавнувал и се заканувал со нож за риба, додека тој и неговото семејство биле внатре, пренесува „Дејли мејл“.
Имено, Џек Бисел (35), упаднал преку градината на имотот на актерот, во северен Лондон, викајќи и заканувајќи му се на Камбербач, по што го плукнал и со ножот го откорнал домофонот од ѕидот на куќата. За ова време актерот, неговата сопруга Софи Хантер и трите мали деца биле сведоци на агресивниот упад.
На суд било објавено дека Бисел, без никакво објаснување извикувал: „Знам дека се преселивте овде, се надевам дека сè ова ќе изгори“.
Според „Дејли Мејл“, тој потоа побегнал од местото на настанот, но за брзо бил уапсен, откако полицијата ја пронашла неговата ДНК на домофонот. Извор за весникот изјавил дека целото семејство било преплашено, мислејќи дека ќе ги повреди.
Тригодишна забрана за приближување
Откако пред судот се изјаснил за виновен, Бисел бил казнет со 250 фунти и тригодишна забрана за приближување до семејството Камбербач и областа каде што живеат. Тој не ги бранел своите постапки и сè уште не е разјаснето зошто познатиот актер му бил цел при упадот.
Обвинителите додале дека пред да упадне во нивниот дом, готвачот купил две пакувања леб од блискиот маркет и на продавачот му нагласил дека ќе упадне во куќата на Камбербач и ќе ја запали.
Инаку, поранешниот готвач бил уапсен во 2015 година, додека протестирал против воената интервенција во Сирија, а работел во хотелот „Бомонт“ од 2017 до 2018 година и од 2019 до 2020 година.